Возењето автомобил за да се стигне до Средно Водно овие денови е вистинска мајсторија поради несовесните возачи, а барањето слободен паркинг лотарија, па многумина паркираат каде што ќе стигнат, честопати и на забранети места. Но наспроти сите лоши искуства додека да го оставите својот миленик на четири тркала да одмори, она што ве чека на врвот е бесценето
Водно – една планина, две различни слики
Изминатите неколку дена Водно беше и сѐ уште е една од најатрактивните локации за жителите на главниот град. Загаденоста на метрополата е главна причина за скопјани да избегаат на планина, да ги прочистат белите дробови и да ги наполнат со чист воздух, наедно и да ги „фатат“ сончевите зраци што тешко се пробиваат до градските населби. Екипа на „Нова Македонија“ направи обиколка на Водно, ги забележа убавите работи, но и се соочи со невидениот сообраќаен метеж што го создаваме ние самите.
ПАДИНИТЕ ОКУПИРАНИ СО АВТОМОБИЛИ
Работниот ден не влијаеше многу на бројот на посетители на Водно, што беше видливо уште од самиот почеток на нашето искачување со возилото по кривулестиот пат до Средно Водно. Големиот број возила создаваа метеж што нѐ следеше сѐ до пристигнувањето на нашата дестинација.
Уште од почетокот на патот што води кон „оазата на чистиот воздух“ се забележуваше дека ќе имаме проблем да најдеме место за паркирање. Возила имаше насекаде по должината на патот, во страничното зеленило, а редицата од возила што чекаше да најде паркинг беше толку долга, што патот беше заглавен уште пред крстосницата што води кон Сопиште.
Се добиваше впечаток дека цело Скопје се преселило на Водно со своите автомобили, а со себе ги понело и навиките од скопските сообраќајници. Речиси неверојатна беше сликата колку многу возила имаше на падините на планината и каков метеж се создаваше во текот на речиси целиот ден. Навистина, тешко се стигнува на Водно пешки, не го може секој тоа, но постои опцијата да се стигне до Средно Водно со помош на градски автобус, а потоа нагоре кој колку може, според можностите. Разбираме и дека има луѓе што не можат да пешачат, луѓе со мали деца, луѓе во постари години, но и граѓани што не можат да користат автобус или да се качат пеш поради милион други причини, па мораат да дојдат до горе со автомобили. Но сето тоа не е оправдување за невидениот метеж што самите го создаваме горе.
Во таква ситуација, попусти се нашите заеднички обиди за да дојдеме до чист воздух, кога таму сме сведоци на неконтролирано труење на падините на Водно, на скопските бели дробови, од безбројните автомобили. А тоа значи дека и воздухот што ние таму горе го дишеме, сериозно самите го загадуваме токму со нашите возила.
Како што возевме нагоре беше видливо дека речиси половина од патот до Средно Водно беше исполнет со паркирани возила. Како резултат на тоа, сообраќајот беше отежнат, па на моменти доаѓаше и до застои, додека да се договорат возачите кој има предност во тесните грла создадени од несовесните сопственици на паркираните возила. Мирисот на издувни гасови, бензини и согорена гума можеше да се почувствува по должината на целиот пат, како резултат на сообраќајното тргни-застани, кочи и „дај гас“. Дополнителниот чад предизвикан од половните возила што не ги исполнуваат еколошките стандарди за дозволена емисија на издувни гасови направи како да си го зедовме смогот со себе од подножјето на Водно, односно од градот.
А на Средно Водно нов шок за возачите – се чекаше ред за да се стигне до паркинг, па кога ќе се дојдеше до паркинзите тие беа преполни. Тоа значеше нови проблеми за возачите, кои мораа да кружат наоколу, во надеж дека ќе се ослободи некое место за паркирање или, пак, се оставаше возилото на несоодветно место, без да се води грижа дали тоа ќе создаде некаков дополнителен проблем.
И онаму каде што е забрането паркирањето, паркирани возила сепак имаше. Како резултат на таквиот однос, граѓаните што имаа потреба не можеа ниту да пристапат до монтажните тоалети, бидејќи и тие беа блокирани од возилата на несовесните посетители.
Узурпирани беа дури и паркинзите наменети за лица со инвалидитет и паркингот наменет за автобусите. Насекаде имаше паркирани возила. Во зеленилото, во тревните површини – владееше целосен хаос.
Ни се заврте во главата од чистиот воздух на врвот Крстовар
И наспроти оваа грда слика, она што нѐ пречека горе беше навистина прекрасно. Сонцето ги измами сите, и стари и млади, родители со мали деца, пензионери, млади момчиња и девојчиња, планинари, велосипедисти, сите беа дојдени на чист воздух. А и како да не дојдат, кога и покрај тоа што сонцето конечно можеше да се види и во градот, сепак, загаденоста беше видлива, иако не како во другите денови.
Сите дошле да го почувствуваат зимското сонце со чистиот воздух.
Неминовен е заклучокот дека Водно ги положи сите тестови пред кои го ставија огромниот број посетители изминатите денови. Чисто, средено, новогодишно украсено, Водно ги импресионираше сите посетители, а особено најмладите. Поставените снешковци и светкавите срми на природните елки го дополнуваа зимскиот декор и оддаваа прекрасен сјај под сончевите зраци.
Жичницата работи со полна пареа, па за да се качат на неа скопјани трпеливо чекаа во долга редица. Сите итаа кон врвот, да ја видат фамозната глетка од магливото Скопје, што изминативе неколку дена се споделуваше на социјалните мрежи.
На врвот – милина. Чиниш си во друга димензија. Кристално чист свеж планински воздух ги сече белите дробови навикнати на смог и на ПМ-честички. Речиси од сите страни се слушаат родителски совети, кои загрижените родители им ги даваа на своите деца „дишете чист воздух, наполнете ги градите да се прочистите“.
Неколку посетители дури добија вртоглавица и омалаксување, ништо сериозно, веројатно од немање кондиција, бидејќи сѐ добро се заврши. Но токму тука следуваше еден (не)умесен коментар на планинар што некого насмеа до солзи, а некого разлути, но никого од околината не остави рамнодушен. А пропо смогот, маглата и загадувањето во градот, коментарот на планинарот беше дека „треба да реагираме бргу и на човекот што му се слоши да го однесеме назад во градот, во загаденото, да си дојде на себе или, пак, да му се даде прва помош веднаш до ауспухот на некоја кола, за да му биде подобро“. Додавајќи дека „ние граѓаните на Скопје сме навикнати на екстремно загаден воздух, а ваквиот чист планински воздух ни доаѓа како шок за телото и за целиот организам!?“ Шегата настрана, но и половина од шегата некои ја протолкуваа како вистина?!
Да ја зачуваме водњанската бајка
Она што можеби најмногу остава впечаток е безгрижноста што Водно им ја носи на сите посетители. Тука времето е застанато. Тука нема бркотници, нема работа, нема проблеми, од сите страни се слушаат детски џагор, смеа, се чувствува некоја посебна позитивна енергија. На клупите се јаде и пие, се мези, се засладува со колачиња, се пие чај, некој игра карти, друг раскажува шеги, а за да се напијат чај или кафе на терасата на Планинарскиот дом, посетителите чекаа ред за да седнат.
Слика што сите ја посакуваме и, конечно, поради која сите одиме таму горе. Уште кога би можеле во Скопје да ги оставиме лошите сообраќајни навики, тогаш сите, без исклучок, би уживале на Водно. Затоа, да го зачуваме Водно, да не дозволиме да го уништи нашата негрижа.