Фото: Игор Бансколиев

Најголем загадувач е греењето на дрва во домаќинствата во зимските периоди, додека, пак, во летните и пролетните месеци, најголеми загадувачи се запалените огнови на отворено. Биомасата, транспортот и индустријата се вбројуваат во големи загадувачи во зимските месеци. Константни загадувачи во текот на целата година се сообраќајот, индустријата и согорувањето нафта и мазут…

СТУДИЈА ЗА ДЕТЕКТИРАЊЕ НА ЗАГАДУВАЧИТЕ ВО СКОПЈЕ

Скопје конечно доби соодветна анализа за тоа кој е главниот загадувач на амбиенталниот воздух. Неодамна беше презентирана студија за пропорционирање на загадувачите во Скопје, изработена во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“. Студијата беше финансирана од страна на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој, спроведена од Програмата за развој на Обединетите нации, а реализирана во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ НА ДОБАР ПАТ ВО ТАРГЕТИРАЊЕТО НА ЗАГАДУВАЧИТЕ

Резултатите од студијата не се новитет, но се доказ дека локалните власти биле на добар пат во таргетирањето на загадувачите. Па, така, биомасата, транспортот и индустријата се големи загадувачи во зимските месеци, но најголем загадувач е греењето на дрва на домаќинствата во зимските периоди, додека, пак, во летните и пролетните месеци најголеми загадувачи се запалените огнови на отворено. Константни загадувачи во текот на целата година се сообраќајот, индустријата и согорувањето нафта и мазут.
Истражувањето траело од октомври 2020 година до декември минатата година, а негова главна цел била да се лоцираат причините, но и да се прикаже колкав е нивниот удел во загадувањето.
Мерењата се реализирале на две локации, во Ново Лисиче и во Карпош, кои се дел од минторинг-мрежата, и три повремени, по две недели во секоја сезона, две во општината Ѓорче Петров (Хром и Волково) и едно во Гази Баба.
Професорот Дејан Мираковски од универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ја презентира студијата и истакна дека Ново Лисиче има седум главни извори на загадување.
Според анализата, загревањето на дрва, палењето огнови на отворено, сообраќајот, индустријата, секундарните аеросоли, минералната прашина и согорувањето нафта и мазут се главните загадувачи во оваа скопска населба.
И Карпош исто така има седум главни загадувачи, со таа разлика што во оваа општина поголем удел во загадувањето има индустријата за разлика од сообраќајот.
Професорот додава и дека согорувањето од биомасата е присутно од ноември до март, односно само во зимските месеци, а налето го нема. Учеството на греењето на дрва во зима во загадувањето на воздухот е од 17 до 45 микрограми ПМ 2,5 на кубен метар во Ново Лисиче и од 12 до 30 микрограми во Карпош. Според тоа, според професорот, само затоплувањето ја надминува максималната дозволена граница од 25 микрограми ПМ 2,5 честички.
– Биомасата останува најзначаен извор на загадување во зимскиот период, со учество од 36 до 57 отсто од вкупното загадување во Ново Лисиче и од 25 до 59 отсто во Карпош. Има и други значителни извори на загадување, како што се нафтата и мазутот, минералната прашина и согорувањето на оган на отворено – рече тој.

ИТНО ПРЕЗЕМАЊЕ МЕРКИ

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, во рамките на презентацијата, истакна дека во однос на загадувањето на воздухот во Скопје се неопходни сериозен пристап во замената на начините на затоплување, итна гасификација, поголема енергетска ефикасност и заштеда на енергијата, но и воведување подобрени сообраќајни режими и обезбедување функционален еколошки јавен транспорт, со што ќе се намали користењето сопствени возила. Според него, Министерството ќе мора да се вклучи со сите институции да ги контролира тие загадувачи што работат без А-интегрирана или Б-интегрирана дозвола.
Министерот нагласи дека побарале од институциите и од Владата да подготват листи за начинот на кој се греат, а истото тоа било побарано и од општините.
– Сакаме да го смениме начинот на греење од мазут на прифатливи извори за греење. Почнавме со болницата во Чаир и болницата во Куманово, така што почнавме со менување на начинот на греење на објектите – рече Нуредини.
Градоначалничката Арсовска ја поздрави студијата, каде што преку сеопфатна анализа може да се детектираат проблемите, но и да се даваат предлози од страна на стручната јавност што ќе можат да се имплементираат во согласност со можностите за намалување на загаденоста на воздухот во главниот град, кој е еден од приоритетите во заштитата на животната средина, а ќе овозможи подобри услови и повисок квалитет на живот за граѓаните на Скопје.
– Подобрување на состојбите со животната средина не може да има доколку не се преземат системски мерки. Во таа насока, Градскиот екосовет е тело што е за првпат формирано од експерти од областа на животната средина и со првите чекори што тие ги преземаат ќе имаме квалитетни предлог-политики, кои ќе бидат презентирани пред Советот на Град Скопје. Сакам да нагласам дека во Скопје почнува најголемиот екопроект во регионот – пречистителната станица за отпадни води, во вредност од над 160 милиони евра, која ќе придонесе за пречистување на над 90 проценти од урбаните отпадни води и ќе придонесе за заштита на животната средина. Работиме и на подигање мегапаркови, прв е паркот во Ѓорче Петров, а ќе следуваат уште четири вакви мегапаркови во Скопје. Секоја година ќе засадуваме над 100.000 садници, работиме на финална имплементација на Зелениот катастар, тука е и проектот за реупотреба на градежниот отпад и шут, за да се спречи создавањето диви депонии, кои периодов интензивно ги расчистуваме, неселективно ги казнуваме сите оние што ги нарушуваат животната средина и здравјето на граѓаните и многу други проекти. Се надевам дека со сите овие мерки ќе успееме да постигнеме резултати – истакна градоначалничката Арсовска во своето обраќање.