фото: Град Скопје

Споменикот на Андон Лазов-Ќосето синоќа е поставен на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска на Фејсбук објави дека „со поставувањето на спомен-обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија“.

– Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава – наведува Арсовска во објавата.

За враќањето на споменикот на Ќосето, утрово со кусо соопштение информира и Град Скопје. Во соопштението се пренесува ФБ објавата на Арсовска, без детали каде и кога точно е поставен споменикот.

Споменикот на Андон Лазов-Ќосето претходно беше поставен кај Судската палата во 2014 година кога скопски градоначалник беше Коце Трајановски. Следниот градоначалниок Петер Шилегов го отстрани во 2018 година, со образложение дека бил дивоградба.