Повод: Обнова на фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк во Скопјe
- Цветот на лотосот симболизира длабоко чувство на восхит. Женствен и сензуален бил симбол на убавината и елоквенцијата уште од македонската антика и сè уште предизвикува воодушевување поради необичната форма и посебната естетика
Градот Скопје започна целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“, која се наоѓа на влезот на Градскиот парк. Проектот е најавен и потврден со видеообјава од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Според најавите, обновата опфаќа санација и реставрација на самата фонтана – враќање на оригиналниот изглед и функционалност и уредување на плоштадот околу фонтаната со нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот треба да стане покомфорен и визуелно привлечен.
– Паралелно со обновата на фонтаната се уредува и плоштадот околу неа, се поставуваат нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот добива нов, модерен и достоинствен лик. Ова култно катче, еден од најистакнатите и најпрепознатливи симболи на градот, повторно ќе стане место на средби, прошетки и споделени моменти, ќе биде простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во убавината на јавниот простор, онака како што Скопје заслужува – истакнува Ѓорѓиевски.
Историјата на фонтаната „Лотос“
Фонтаната „Лотос“ е една од најпрепознатливите и најфотографирани урбани структури во Скопје, особено на влезот на Градскиот парк. Изградена е во 1971 година и веќе со децении претставува симбол на градот и омилено место за средби на граѓаните. Според пишувањето на „Нова Македонија“ од тој период, фонтаната официјално е пуштена во функција на 3 мај 1971 година, а самиот чин претставувал своевиден спектакуларен настан за тоа време.
Вредно е да се истакне дека архитектката зад овој проект е Мирјана Милановиќ-Волињец, која работела во Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје. Дизајнот на фонтаната е инспириран од лотосовиот цвет – вода „никнува“ од центарот, создавајќи форма што асоцира на цвет што расте од земјата и играта на водата е структурирана во неколку програми за движење. Пред изградбата на фонтаната, на тоа место постоело мочуриште полно со бели лотоси – што дополнително ги објаснува симболиката на името и формата на самиот објект.
– Предвидено е фонтаната да изгледа како воден цвет – лотос, смирен по својот колорит, како да никнува од земја. Во долната чинија на фонтаната, која е и носител на цветот, водата непрекинато се движи, паѓајќи од листовите на цветот и од т.н. водени толчници. Играта на водата се одвива во четири програми. Водата си игра меѓу цветовите со специјална структура на движењето на водените млазови – изјавила архитектката Волињец за своето дело.
Значење за Скопје и за жителите
Фонтаната „Лотос“ не е само архитектонски објект – таа е културен белег на градот, често користен како ориентир, место за фотографии и дел од сеќавањата на многу генерации. Со години, поради запуштеност, околината на фонтаната не беше во најдобра состојба, па оваа обнова се доживува како значаен чекор во урбаното ревитализирање на јавните простори во Скопје. Околу фонтаната „Лотос“ кружат неколку интересни случки и урбани приказни што скопјани со години ги прераскажуваат. Ниту една не е „официјално запишана“ како историја, но сите се дел од колективната меморија на градот.
Една од најпознатите „неформални случки“ е тоа што со децении „ќе се најдеме кај Лотос (кај фонтана)“ бил речиси универзален договор за средба. Во 1970-тите и во 1980-тите, фонтаната била една од ретките визуелно впечатливи точки во паркот. Многу скопјани подоцна раскажуваат дека таму им биле првите состаноци, првите бакнежи или разделби пред војска. Затоа „Лотос“ не е само архитектонски објект туку емотивна мапа на градот.
Постои тивка, но упорна приказна дека „ако пар се фотографира кај ’Лотос‘, ќе остане заедно“. Особено во 1980-тите и 1990-тите, многу матуранти и младенци се фотографирале токму таму. Некои постари скопјани и денес со насмевка велат дека „’Лотос‘ им донел среќа“.
Во летните жештини децата често влегувале во фонтаната, иако тоа било строго забрането. Постојат многубројни анегдоти за бркање од чувари, па дури и за родители што прво се лутеле – а потоа се смееле кога ќе виделе фотографии. За многумина, тоа е симбол на безгрижното скопско детство.
Во неколку наврати (особено во 1970-тите), фонтаната била користена како импровизирана сцена за уметнички перформанси, фотографирања и студентски акции. Поради формата на лотосот и движењето на водата, уметниците ја сметале за „жива скулптура“.
По земјотресот во 1963 година, „Лотос“ бил доживуван како знак на обновата и модерното Скопје. За многу граѓани, фонтаната симболизирала дека градот не само што преживеал туку и се разубавил. Има сведоштва дека навистина имало диви бели лотоси и мочуриштен предел во тој дел од паркот пред уредувањето – што ја прави симболиката на фонтаната уште посилна и вкоренета во местото.
„Лотос“ – соговорници од различни генерации
Генерација 1940–1955 година
„’Лотос‘ беше доказ дека Скопје застана на нозе“. „По земјотресот, сè беше сиво. Кога ја пуштија фонтаната, водата светеше. Луѓето застануваа и гледаа, како нешто свечено“.
За оваа генерација, „Лотос“ не е само парк-детаљ туку симбол на обновата по 1963 година Многумина паметат дека првпат виделе модерна фонтана со ваква форма. Неделната прошетка „до ’Лотос‘“ била речиси ритуал.
Генерација 1955–1970 година
„Се дотерувавме за да одиме кај ’Лотос‘“. „Ако сакаш да видиш кој со кого шета – оди кај ’Лотос‘ во сабота навечер“. „Фонтаната била социјална сцена. Тука се гледало кој е нов пар, кој раскинал, кој се вратил од војска. Многу љубовни приказни почнале токму на клупите околу неа“.
Генерација 1970–1985 година
„Кај ’Лотос‘ се учеше што е слобода“… „Родителите мислеа дека сме во парк. А ние бевме – ама и во наш свет“.
Средношколци и студенти ја доживувале фонтаната како место без надзор. Први цигари, гитара, разговори до доцна. Некои паметат и со првите фотоапарати – „Лотос“ бил задолжителна заднина.
Генерација 1985–1995 година
„Секој барем еднаш влегол во водата“. „Не познавам дете што не било избркано од ’Лотос‘“. Летните горештини ја правеле фонтаната неодолива. Чувари, викање, смеење, мокри маици. За оваа генерација, „Лотос“ е детство, не архитектура.
Генерација 1995–2005 година
„Таму се сликавме за Фејсбук“. „Скопје немаше многу ‘инстаграмабилни’ места – ’Лотос‘ беше едно од нив“. Лотос станува визуелен симбол, не нужно место за долг престој. Многу матурантски и друштвени фотографии. Во исто време, се забележува дека фонтаната полека пропаѓа, што предизвикува носталгија дури и кај младите. Денешната помлада генерација вели: „Го знаеме од приказни, ама сакаме да оживее“, „Моите родители имаат спомени, јас имам надеж дека ќе ги создадам моите“. За младите денес, „Лотос“ е наследство. Обновата се доживува како шанса да стане повторно жив простор, не само симбол.
Заедничка нишка кај сите, без разлика на годините, речиси секој скопјанец ќе каже нешто слично „’Лотос‘ е повеќе од фонтана – тоа е сведок.“
Интервју со стара скопјанка
„’Лотос‘ не беше фонтана – беше живот“
Најубавите приказни честопати се плод на случајности. Токму во текот на подготовките за оваа тема на клупа наспроти фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк поведовме кус разговор со госпоѓа Лидија Стојановска (79 години), која по кусата пладневна прошетка низ паркот закрепнуваше пред да си оди дома. Со задоволство прифати да разговара за фонтаната, да ги сподели со нас своите сеќавања и впечатоци.
Госпоѓа Лидија, што беше „Лотос“ за Вас кога првпат се појави?
– Ех, да… се сеќавам… По земјотресот, Скопје беше како човек што преживеал нешто тешко – стои, ама не зборува. Кога ја пуштија фонтаната, водата тргна нагоре… луѓето застанаа. Никој не зборуваше. Само гледавме.
Се сеќавате на првиот ден?
– Како вчера. Беше сончево. Се сеќавам на звукот – не беше само вода, беше како шушкање. Една жена до мене рече: „Еве, пак дише градов“. Тоа ми остана.
Како го користевте просторот околу „Лотос“?
– О, таму се одеше „средено“. Не одеше кој било така. Ако некој те видел кај „Лотос“, значело дека нешто ти се случува во животот – љубов, надеж, нешто ново.
Имаше ли љубовни приказни?
(се смее – н.з.) – Имаше, како немаше. Јас таму го запознав мојот сопруг. Не зборувавме многу. Само седевме. Водата зборуваше за нас. По толку години, дури и откако почина, уште кога ќе поминам тука, го гледам како стои со широка и гласна насмевка и ги собира сите другари околу себе. Тој беше главен пред „Лотос“.
А децата?
– Ех, децата! Секогаш во водата. Викаме, се лутиме – а внатре ни е мило. Тоа значи дека има живот. Празен парк е полош од мокро дете.
Што почувствувавте кога фонтаната се запушти?
– Како да замолкна стар пријател. Како да не ги слушав џагорот и смеењето на младите. Не се лутев, само ми беше жал. Си реков: „И ние старееме и ’Лотос‘ старее“.
А сега, кога повторно се обновува?
– Среќна сум. Не за мене – јас си го живеев моето. Туку за младите. Да имаат каде да се заљубат, да чекаат некого, да се скараат и да се помират.
Ако треба со една реченица да го опишете „Лотос“?
(пауза – н.з.) – „Лотос“ е место каде што Скопје не се заборава…

































