Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повик до Владата за итна интервенција и централизирана координација

  • Иницијаторите на повикот за воведување вонредна состојба во Струга нагласуваат дека „прогласувањето кризна состојба не треба да се толкува како политички чин, туку како законски механизам што се активира кога се загрозени здравјето на луѓето и животната средина, а редовните институционални механизми не се доволни”

Група граѓани од Струга јавно апелираат Владата да прогласи кризна состојба во општината поради продолжениот недостиг на безбедна вода за пиење. Според нив, состојбата веќе не може да се третира како краткорочен технички проблем, туку како „сериозна и долготрајна здравствена и еколошка криза што директно ги загрозува здравјето и основните услови за живот на граѓаните“ и тоа да се земе како основ за нивната иницијатива.

За потсетување, стружани речиси еден месец се соочуваат со вода што не е безбедна за пиење, а решение на повидок сè уште нема. Со приближувањето на летната сезона, постои реална опасност од дополнителни рестрикции и продлабочување на проблемот.

Иницијаторите на повикот за воведување вонредна состојба нагласуваат дека „прогласувањето кризна состојба не треба да се толкува како политички чин, туку како законски механизам што се активира кога се загрозени здравјето на луѓето и животната средина, а редовните институционални механизми не се доволни“. Со таква одлука, велат тие, би се овозможила централизирана координација на сите надлежни институции, мобилизација на државни и приватни ресурси, воведување итни и задолжителни мерки за санација, како и поефикасно управување со кризата на терен.

Покрај итните мерки, граѓаните бараат и координирана истрага за утврдување на одговорноста за настанатата состојба. Потсетуваат дека станува збор за можни тешки дела против животната средина и природата, за кои Кривичниот законик предвидува затворски казни од најмалку четири години. Дел од еколошките организации укажуваат и на постоење на можни елементи на кривично дело „Екоцид”, за кое се предвидени значително повисоки санкции.