Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук профил

Започна реконструкцијата на коловозот од патниот правец Драчево кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода.

На почетокот на реконструктивните работи присуствуваа градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски истакна дека со проектот којшто е финансиран од централниот Буџет на Владата, ќе се додаде вредност во квалитетот на живот на граѓаните од ова населено место.

– Ова е еден од оние проекти којшто се дел од проектите кои Владата ги финансира, односно средства од централниот Буџет кон општините. Тука во Кисела Вода ќе имаме уште неколку такви, се подготвуваат и други проекти за периодот којшто следи, односно за следниот повик. Сигурен сум дека со овие проекти како овој, ќе додадеме вредност во квалитетот на животите на граѓаните од ова населено место од Општина Кисела Вода, но и од соседната Општина Студеничани. Ние продолжуваме да ги реализираме ветените работи – рече тој.

Ѓорѓиевски посочи дека се работи за целосна реконструкција и проширување на коловозот во должина од речиси три и пол километри, којшто ќе биде збогатен со пешачка патека по целиот потег.

– Ова е многу значаен проект за жителите од Драчево, но и за нашите соседи од Општина Студеничани. Се работи за целосна реконструкција и проширување на патниот правец од Драчево до Манастирот „Пеленица“, практично до границата со Општина Студеничани, во должина од три километри и 400 метри, којшто ќе биде збогатен со пешачка патека по целиот потег, каде што граѓаните од Драчево ќе можат да се рекреираат. Дополнително, во минатото она што беше проблем за населбата Драчево, а тоа е нерегулирањето на атмосферските води, овој пат ќе биде регулирано со канелети, атмосферски цевки и попивателни бунари на целиот потег- рече Ѓорѓиевски.