Патот кон Теферич е затворен за сообраќај поради оштетувања, а општинските власти интензивно работат на изнаоѓање најбрзо и најбезбедно техничко решение за неговата трајна санација. Информацијата ја објави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, преку својот профил на Фејсбук.
Таа посочи дека денеска заедно со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, повторно извршиле увид на терен. По стручните анализи и во координација со сите надлежни институции, донесена е одлука за итно затворање на патниот правец.
– Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето. Апелираме до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот. Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција. Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет! – напиша Стаменкоска Трајкоска.

































