Фото: Игор Бансколиев

Покрај загадениот воздух и голтањето прашина, стануваат неподносливи ненадејните прекини во водоснабдувањето или, пак, испораката на струја, само затоа што некој од градежните работници копајќи пресекол кабел или оштетил
водоводна цевка

Снежана Калабакова

Во скопската населба Аеродром, поточно кај „Тобако 2“, подигната е ограда за изведување нови градежни активности за објект што треба да биде за домување. Ќе никне нова станбена зграда, најверојатно деветкатница, која ќе се издигне над уште едно детско игралиште и зелена површина. Аеродромци не среќни со ова решение на Деталниот урбанистички план, особено затоа што објектот ќе уништи парк со детски реквизити. Некои од револтираните граѓани што никако не го одобруваат постојаното уништување на парковите и дрвјата пред некој ден својот револт го искажаа рушејќи ја лимената ограда поставена околу приватното градежно земјиште. Но не е само тоа, градежните зафати, тврдат некои аеродромци, им го нарушуваат мирното живеење, затоа што градежниците од невнимание често им пресекуваат инсталации. Не можат, велат, нормално да функционираат, а во населбата како да станало практика со копање постојано да се оштетуваат инсталации.

 

Освен што голтаат прашина, градежните зафати често им ги пресекуваат подземните инсталации

Често велат дека остануваат без вода поради оштетување цевка или, пак, без интернет-врска, затоа што од невнимание бил пресечен кабел. Жителите се жалат и велат дека веќе не можат да се справат со хаосот предизвикан од градежната офанзива. Додаваат дека, покрај загадениот воздух и голтањето прашина, стануваат неподносливи ненадејните прекини во водоснабдувањето или пак испораката на струја, само затоа што некој од градежните работници копајќи пресекол кабел или оштетил водоводна цевка. Таков бил случајот пред некоја вечер, кога аеродромци немале струја цела ноќ, до 7 часот утрото, а без струја биле и вчераутро. Се случувало додека се отстрани дефектот со часови, па и денови, да немаат вода ниту за миење ниту за пиење и повеќе не сакаат да имаат вакво секојдневие.

Други, пак, објаснуваат дека некогаш Аеродром била мирна оаза и убаво се живеело, но сега веќе нема мир и многу често некаква хаварија предизвикана од градежниците им го загорчува животот. Оние, пак, на кои им дошло прекуглава од голтањето прашина што секојдневно ја креваат градежните машини и камиони по градилиштата, но најмногу од секнувањето на чешмите, побарале нови локации за домување. Дел од тамошните жители ќе бара помош од општината, од каде што, пак, тврдат граѓаните, можат да ги тужат оние што нема да ги отстранат направените штети. Аеродромци сметаат дека само надлежните можат да стават ред во хаосот, бидејќи мислат дека градежните фирми немаат на користење или, пак, не сакаат да користат подземен катастар и работат на слепо. Други, пак, мислат дека никој не ги повикува фирмите на одговорност, па затоа имаат кошмарни денови без вода или струја. Надлежните од општината сметаат дека е ред да ги повикаат на одговорност градежните компании и само така ќе станат повнимателни и ќе внимаваат на подземните инсталации. Од Аеродром, пак, тврдат дека при градежни активности што ги изведува општината многу ретко се случува да се оштети подземна инсталација, но и тогаш кога ќе се случи такво нешто се преземаат активности за итно санирање и доведување во првобитната состојба.

– Неодамна се случи дефект на хидрантската мрежа при реконструкција на коловозните ленти на улицата Коста Новаковиќ. Општината веднаш ги повика екипите на ЈП „Водовод и канализација“ и тие го отстранија дефектот во најбрз рок.
Истото тоа се однесува и на другите инвеститори и градежни фирми, кои, доколку им се случи оштетување, имаат обврска веднаш да го санираат оштетеното и да го вратат во првобитната состојба, а доколку има и материјална штета, таа да се надомести. Имено, доколку инвеститорот или градежната фирма не го санираат дефектот веднаш, соодветните компании, како што се водовод, ЕВН, кабелските оператори…, имаат право да ги тужат за нарушено владение преку овластени судски органи – велат од Аеродром.