Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информираа дека со последната одлука на Управниот одбор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за пуштање во употреба и одржување на фонтаните и јавните чешми, секоја општина на својата територија треба да донесе одлука кои чешми сака да се пуштат во употреба, по што на истите тие се поставува водомер и нивното одржување станува обврска на таа општина
Скопје останува без јавни чешми за пиење вода
Летната жега веќе започна, а со тоа и зголемената потребата вода за пиење за граѓаните. За жал, граѓаните нема да можат својата жед да ја згаснат со квалитетна и студена вода од јавните чешми низ градот, туку ќе мора да го направат тоа купувајќи ја во пластични шишиња. Всушност, можеби овде-онде сепак ќе остане некоја „ретка јавна чешмичка“ и тоа од една сосема нова причина. Засега, многу мал број чешми во главниот град се во функција. Причината за тоа е „едноставна“. Минатата година јавното претпријатие донесе одлука да ја исклучи водата во сите јавни чешми што се под надлежност на општините. За тие да работат, условот беше самите општини да си побараат вклучување на водата, а за тоа требаше да им биде поставен водомер за да си плаќаат за потрошената вода. Токму затоа и скопјани остануваат жедни…
Чешма има, но треба да се најдат каде се
До лани граѓаните не мораа да носат пластични шишиња вода со себе бидејќи имаа јавно достапни голем број чешми во функција, од кои течеше вода за пиење. Сега тоа повеќе не е така.
Голем дел од нив реагираат дека нема чешми и дека остануваат жедни на овие високи температури.
– Вие знаете дека не секое место има продавница каде што би можеле да купиме вода. А се случува и да излеземе во брзање и да не земеме вода со нас. Јас сум мајка на две мали деца и тоа ни е голем проблем. Во Железара, на пример, имавме три чешми, а сега функционира само една. Па кога децата играат надвор, немаат од каде да наполнат вода, а ништо подобро не е ниту во Чаир, каде што нема ниту една функционална чешма. Сите се исклучени – вели Елена Димова, жителка на Чаир, која редовно оди во посета на Железара.
И другите граѓани се гневни на ваквата состојба. Чешма за пиење вода нема ниту во Автокоманда, а тешко може да се најдат и во Карпош, Центар и во Кисела Вода.
Поставени 83 чешми?!
Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информираа дека со последната одлука на Управниот одбор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за пуштање во употреба и одржување на фонтаните и јавните чешми, секоја општина на својата територија треба да донесе одлука кои чешми сака да се пуштат во употреба, по што на истите тие се поставува водомер и нивното одржување станува обврска на таа општина.
– Фонтаните и чешмите за кои нема барање за прифаќање не се пуштаат во употреба, тие што се прифатени од општините се обврска на општините. Досега состојбата по општините е следна: во Аеродром има 44 чешми, во Гази Баба 12, во Ѓорче Петров 10, во Карпош четири, во Кисела Вода пет и во Центар осум. Вкупно се поставени 83 водомери, односно активни чешми и фонтани – велат од водоводното претпријатие.
Според податоците, во Скопје има некаде околу 200 чешми за вода на јавни површини.