Општина Аеродром изрекла прекршочна казна во износ од 88.000 евра на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ поради континуирано нефункционирање, несоодветно собирање отпад и негрижа за јавната хигиена на нејзината територија.
Оваа санкција, како што се наведува во соопштението од Општина Аеродром, не е политичка, туку институционална како резултат на утврдени пропусти во работата на претпријатието. Дополнително, се додава, жителите на Аеродром секојдневно се обраќаат до Општината со поплаки за преполни контејнери, неподнослива нечистотија на улиците во сите населби, иако редовно и уредно ги плаќаат комуналните давачки секој месец.
– Како градоначалник, сметам дека ова не е нормална и прифатлива состојба! – изјавил в. д. градоначалникот Дејан Митески и нагласил дека Општина Аеродром нема да дозволи да биде заложник на нечија неспособност и неодговорност!
Тој ги повикал надлежните од „Комунална хигиена“ да ги преземат сите неопходни мерки за чиста животна средина и конечно да почнат да работат во интерес на граѓаните.
Општината, се вели во соопштението, ќе продолжи со засилен надзор и санкции за секој што не ја извршува својата работа.