Неисчистените оџаци небезбедно „чурат“

МАЛ ИНТЕРЕС ЗА ОЏАЧАРСКА ИНТЕРВЕНЦИЈА

Според податоците од градските власти, субвенции за чистење оџаци се доделуваат во изминатите пет години. За тој период, доделени се речиси 1.500 субвенции, а минатата година само 265. Според истражувањата, 47 проценти од домаќинствата во скопските урбани и рурални средини за загревање на своите домови користат огревно дрво, јаглен, пелети, брикети и друго цврсто гориво. И покрај тоа што речиси половина (ако не и повеќе) од оџаците во Скопје работат со полна пареа, интересот на граѓаните за нивно чистење, и покрај тоа што е субвенционирано, е многу мал

Според едно истражување направено по барање на Програмата за развој на ОН (УНДП), а во соработка со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање во 2017 година, речиси половина од жителите на Скопје се загреваат со помош на огревни дрва. Според податоците од истражувањето, 47 проценти од домаќинствата во скопските урбани и рурални средини за загревање на своите домови користат огревно дрво, јаглен, пелети, брикети и друго цврсто гориво.
Оттогаш се поминати повеќе од пет години, а со оглед на тоа што скорешно истражување за тоа на што се греат скопјани нема, логично е да претпоставиме дека бројката е за некој процент намалена, како резултат на многубројните субвенции од страна на градските власти, со кои на граѓаните им се нудеше опција субвенционирано да купат печки на пелети и инвертери. И покрај доделените субвенции, граѓаните оваа зима продолжија да се греат на традиционалниот начин, бидејќи драстично се покачи цената на струјата и на пелетите за кои тие требаше да ги заменат печките на дрва. Граѓаните продолжија загревањето на своите домови да го реализираат со помош на печки на дрва, меѓутоа не покажаа некој посебен интерес за чистење на своите оџаци, иако и за тоа градските власти им доделуваат субвенции.

ЗА ПЕТ ГОДИНИ ДОДЕЛЕНИ 1.500 СУБВЕНЦИИ

Скопјани не се заинтересирани за чистење на оџаците во нивните домови, па дури ни кога дел од трошоците или, пак, целокупните трошоци за чистењето се субвенционирани.
И покрај тоа што речиси половина (ако не и повеќе) од оџаците во Скопје работат со полна пареа, интересот на граѓаните за нивно чистење, и покрај тоа што е субвенционирано, е многу мал.
Според податоците од градските власти, субвенции за чистење оџаци се доделуваат во изминатите пет години. За тој период, доделени се речиси 1.500 субвенции, а минатата година само 265.
Една од најчестите причини за пожари во домаќинствата се токму неисчистените оџаци, а уште поголема причина се и за загадувањето на воздухот.
Таквата состојба се провлекува со години. Слично беше и во 2020 година, кога на повикот на градските власти пристигнаа само 95 барања.
Колку за напомена, градот субвенционира износ до 1.200 денари.
Неисчистените оџаци, освен што загадуваат, претставуваат и огромен ризик по животот на луѓето, бидејќи од недоволно прооден оџак лесно настануваат пожари, кои честопати знаат да земаат и жртви и да пеплосаат повеќе домови.
Изненадува малата заинтересираност на граѓаните за користење на оваа субвенција, бидејќи за голем дел од нив ова е одлична шанса бесплатно да се подготват за грејната сезона, додека други, сепак, не се заинтересирани затоа што велат дека чистењето на оџаците го прават самите тие, воопшто несвесни дека аматерското чистење може скапо да ги чини.
– Сам го чистам оџакот веќе неколку години. Запознаен сум со тоа дека градот дава субвенции за чистењето на оџаците, но јас имам четка, знам како се чисти, па секоја есен тоа го правам сам – вели Стојан, жител на Драчево.
Се разбира, мислењето на граѓаните што се решиле да им ја остават работата на професионалци е сосема поинакво. Жителка на општината Центар вели дека ова е втора година по ред како аплицира за субвенции за чистење на оџакот во нејзината куќа.
– Спијам мирно затоа што знам дека професионалци ја завршиле работата. Значајно е да се истакне дека не се работи за едноставно чистење, туку јас, а и другите граѓани добиваме комплетна услуга. Тие знаат како да го исчистат и изгорат ѓубрето во оџакот, ме информираат за тоа како најдобро да го одржувам оџакот чист, какво дрво е најдобро да горам во печката за да избегнам ризици по безбедноста и на мојот живот и на моето семејство. Од таа страна јас сум сега мирна и точно знам што можам да правам и што да очекувам околу загревањето на станот – вели таа.

ЧИСТ ОЏАК ЗА МИРЕН ЗИМСКИ СОН

Со оглед на тоа што зимата досега беше блага, па дури и пријатна, тоа не влијаеше многу за интензивно загревање на домовите.
Сепак, синоптичарите за претстојниот период најавуваат голем пад на температурите, па дури и снег во Скопје, со што граѓаните ќе почнат поинтензивно да ги ложат своите печки. Според познавачите, тоа значи зголемување на температурите во самите оџаци, а доколку во нив има насобрано пепел и ѓубре, тоа претставува темпирана бомба за домаќинствата.
– Со поинтензивното ложење на печките на дрва многу лесно може да дојде до палење на ѓубрето во оџаците. Тоа значи дека од оџакот ќе излегуваат пепел и огнени јазици, кои можат да предизвикаат пожар и во соседните објекти и дрвја. Дополнително, високата температура ги вжештува ѕидовите на оџакот до тој степен што тие пукаат при толку високи температури, па можат да го прошират пожарот за неколку секунди преку ѕидовите. Најлошото сценарио е враќање на огнот назад кон печката. Тоа е темпирана бомба – вели Спиро Стојановски, оџачар во пензија.
Во услови на енергетска криза кога поради недостиг или висока цена на енергентите се бараат алтернативни начини за затоплување на домовите, уште на самиот почеток на грејната сезона се очекуваше граѓаните да користат секаков вид огревен материјал што, пак, пропорционално ја зголемува можноста за појава на пожари. Дополнителен предизвик, според пожарникарите, се неисчистените оџаци и несоодветното користење на ложиштата.
Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, уште во ноември минатата година истакнаа дека очекуваат зголемување на бројот на интервенции на затворен простор. Тогаш командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Звонко Томески, апелираше да не се импровизира, да се внимава при ракувањето со печките за греење и навреме да се исчистат оџаците.
– Очекуваме дека ќе има зголемување на бројот на интервенции особено на пожари на ложишта и димоводни канали. Апелираме навреме, додека сѐ уште не е интензивно загревањето на домовите, да се исчистат димоводните канали и да не се оставаат запаливи материи и непотребно количество огревен материјал околу печката за греење – истакна тогаш Томески.
Според него, забележано е зголемување на бројот на пожари на затворен простор. Само тој вид пожари опфаќаат две третини од вкупниот број пожари.


Сѐ помалку кандидати за обука за оџачар

Наспроти евидентната потреба од специјализиран кадар што би се грижел за состојбата на оџаците во Скопје и околината, загрижувачки податоци добивме од надлежните во градот што ја следат оваа област. Според она што ни беше презентирано, загрижува податокот дека оџачарството како професија веќе не е атрактивно за невработените лица како што беше порано. Според официјалните податоци, на јавните повици што градот ги реализираше изминатите години обуката за оџачар ја завршиле само 25 кандидати, а на минатогодишниот повик се пријавиле само шестмина.