Општините испратија сметки со повисоки суми за намирување на данокот на имот
Доколку сте сопственик на недвижен имот, куќа, стан или викендичка во кои не живеете, подгответе се отсега да одвоите поголема сума пари за плаќање на данокот на недвижноста. Имено, со измените во легислативата од таа област, законодавецот вели дека таквиот недвижен имот „се третира како луксуз“. Во тој контекст, граѓаните беа во недоумица кога им пристигнаа сметките за плаќање на данокот на имот, кои беа повисоки од минатите години, мислејќи дека станува збор за погрешна пресметка
Во сметките до граѓаните што имаат недвижности во општината Охрид е образложена и законската методологија на пресметката
На пример, во општината Охрид, сите оние што имаат станови, а не живеат во нив или, пак, воопшто не се жители на општината, ќе треба да платат тројно повеќе за данок на имот во споредба со изминатите години. Меѓутоа, во сметките доставени до граѓаните прецизно е образложена методологијата на пресметката и како е дојдена до истата таа, поаѓајќи од процена на ангажиран проценител за вредност на недвижностите, а се разбира и со правна поука, доколку граѓанинот не се согласува со процената или со утврдената сума.
Според општинските власти, во градот има од десет до 12 илјади стана што во текот на годината се празни. За да докажат дека не им ги издаваат на други, сега сопствениците ќе мора да приложат документ заверен на нотар, оти само така ќе се спасат од високите давачки на данок на имот. Туристичките работници се децидни – во општинската каса недостигаат најмалку 300.000 евра годишно, пари што би се обезбедиле од наплата на туристичка такса што сега не ја наплаќаат, оти становите што преку лето се издаваат никаде не се евидентирани.
– Во согласност со законските измени на Законот за даноците на имот, кој започна да се применува од 1.1.2022 година, Општина Охрид ги известува сите физички и правни лица што поседуваат недвижен имот на територијата на општината, за следното: За сите непријавени имоти да достават даночна пријава за утврдување данок на имот и за дополнителните недвижни имоти (освен становите или куќите во кои живеат во согласност со личната карта), врз кои имаат сопственост, а се користат од други физички или правни лица, да достават договор за закуп или договор за плодоуживање, најдоцна до 28.2.2022 година – стои наведено на сајтот на општината.
И во Скопје состојбата слична
Сепак, ова не е случај само во Охрид. И во Скопје состојбата е иста. До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа поплаки дека за наследениот имот од своите родители, во кој не живеат, мора да плаќаат и до шест илјади денари, иако квадратурата на објектите е мала, а станува збор за бараки изградени по скопскиот земјотрес, кои речиси и да немаат никаква вредност.
– Јас и брат ми наследивме куќа од мојот татко, во која додека тој беше жив живееше, а сега во неа живее нашата мајка. Татко ми сакаше уште додека беше жив да ја средиме документацијата, но не го сторивме тоа, па сега со мојот брат, за целата куќа плаќаме поединечно по речиси пет илјади денари. Значи пет јас, пет мојот брат, вкупно десет илјади денари за данок на имот, за објект што е едвај 60 квадрати и кој јас не го издавам, не го изнајмувам, туку во него живее нашата мајка – вели скопјанка, која сакаше да остане анонимна.
Неодамна, пак, градските власти ги повикаа сопствениците на имот да си ги намират давачките за 2019 и 2020 година, бидејќи во спротивно ќе им ги блокираат сметките.
– Со цел да не се создадат дополнителни трошоци за обврзниците што не ги платиле своите обврски, во постапка за присилна наплата, како и да се избегнат непотребни оптоварувања што ќе произлезат од блокадите во банките, потребно е сите неплатени обврски по основа на данок на имот за 2019 и 2020 година да ги намират во најкраток можен рок, а најдоцна до 10.11.2022 година – велат од Град Скопје. Д.Т.З.