Капитални проекти, изградба на улици, реконструкција на сообраќајници, екологија и животна средина, изградба на детски игралишта, инвестиции во градинки и училишта, како и доделување субвенции за граѓаните, се најзастапени проекти во буџетите на скопските општини
ИЗГЛАСАНИ БУЏЕТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ ВО СКОПЈЕ
На кои проекти и на што точно ќе се трошат народните пари во годинава што следува, е прашањето што сите жители на општините си го поставуваат. Капитални проекти, изградба на улици, реконструкција на сообраќајници, екологија и животна средина, изградба на детски игралишта, инвестиции во градинки и училишта, како и доделување субвенции за граѓаните, се најзастапени проекти во буџетите на скопските општини.
РАЗВОЕН БУЏЕТ ЗА БУТЕЛ
Општина Бутел во буџетот за оваа 2022 година ги намали средствата наменети за привремени вработувања во Општината за десет милиони денари, кои, како што информира градоначалникот на Општината, Дарко Костовски, ќе бидат наменети за инвестиции. Исто така, во буџетот не се предвидени парични средства за репрезентации.
Наспроти тоа, Костовски истакна дека буџетот е развоен во функција на граѓаните и со голем број капитални инвестиции.
Во Бутел ќе се уредува речното корито на реката Серава, ќе почне изградбата на водовод во Љубанци и во Љуботен, ќе се гради спортски комплекс, а повеќе пари се предвидени во програмите за изградба на улици, патишта, фекална и атмосферска канализација. Бутелчани исто така ќе добијат нови паркови и детски игралишта, како и реконструкција на спортските игралишта.
– Целосна стратегија за спортот, за развој на спортските клубови и спортисти. Стипендии за најдобрите спортисти, стипендии за најдобрите ученици во основните општински училишта, како и купување училиштен прибор за децата што се во социјален ризик – истакна Костовски на својот фејсбук-профил.
ЖИВОТНАТА СРЕДИНА И СПОРТОТ ПРИОРИТЕТ ВО ГАЗИ БАБА
Нова детска градинка во Керамидница, нова училишна спортска сала во Булачани, фекална канализација за населените места Гоце Делчев, Страчинци, Јурумлери, Црешево и Смилковци, се само дел од проектите на кои е насочен буџетот на Општина Гази Баба за 2022 година.
Како што истакна градоначалникот Бобан Стефковски, ќе се работи на решавање на проблемот со водоснабдувањето во Брњарци, Раштак, Страчинци и дел од Булачани, а ќе продолжи изградбата на новата училишна сала во Стајковци. Предвидени се средства за реконструкција на голем број локални улици во Јурумлери, Трубарево, Гоце Делчев, Инџиково и сите други населени места, како и изградба на нови детски и спортски катчиња.
– Животната средина и спортот остануваат на врвот на нашите приоритети, па, така, во програмата за заштита на животната средина предвидуваме средства за субвенции за набавка на велосипеди, електрични тротинети, уреди за вградување течен нафтен гас на автомобилите и субвенции за чистење на оџаците, кои се воведуваат првпат во буџетот на Општина Гази Баба, како и продолжување на субвенциите за печки на пелети и инвертери, додека во програмата за спорт, предвидуваме средства за поддршка на локалните спортски клубови и талентирани спортисти – истакна Стефковски.
КИСЕЛА ВОДА ГИ СКРАТИ НЕПРОДУКТИВНИТЕ ТРОШОЦИ
Буџетот на Општина Кисела Вода ќе биде фокусиран на развој и кратење на непродуктивните трошоци.
Како што истакна градоначалникот на Општината, Орце Ѓорѓиевски, вложувањата во развојната програма за урбанизмот се очекува повеќекратно да се вратат, како во делот на приходите на општината така и во развојот на локалната економија. Во 2022 година, во делот на урбанизмот е предвиден меѓународен конкурс за идејно решенија за ДУП Расадник.
Ќе се вложува во локалниот економски развој и секторот за образование, предучилишно воспитување, спорт и култура. Финансиски средства ќе се издвојат за проекти поврзани со енергетска ефикасност, вклучувајќи и во објектите на училиштата и градинките, каде што наедно се обезбедени и награди за најуспешните ученици, воспитувачи и наставници. Финансиска поддршка ќе има и за уметниците и спортистите и спортските клубови.
Дополнително, градоначалникот ги потенцираше проектите ранче за секое прваче, таблет за секое дете, партиципација во трошоците за згрижување, воспитание и рекреација на деца во градинките.
– Впрочем, 2022-та ќе биде година на големи инфраструктурни зафати, кои ќе се реализираат преку Секторот за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животна средина. Планирани се изградба, реконструкција и санација на локалните патишта и изградба на подземна инфраструктура – истакна тој.
Средства се предвидени и за изградба на системи за одведување и третман на отпадните води, а големо внимание ќе се посвети на зголемување на достапноста на услугите и подигнување на транспарентноста на Општината.
АЕРОДРОМ СО БУЏЕТ СКРОЕН СПОРЕД ПОТРЕБИТЕ И БАРАЊАТА НА ГРАЃАНИТЕ
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, истакна дека буџетот е скроен со многу труд и посветеност, детално анализиран и реален.
– При изработката на буџетот се погриживме да се заснова исклучиво врз барањата на граѓаните и решавањето на најгорливите проблеми, кои со години ги мачат аеродромци. Се потрудивме да ги покриеме сите сегменти, без притоа кој било да биде исклучен, да се фокусираме за раст и развој на Аеродром како целина – изјави Муцунски.
Тој ги посочи проектите што директно ќе придонесат кон подобрување на квалитетот на животот на жителите. Ќе се донесат деталните урбанистички планови за Горно и Долно Лисиче, реални и одржливи инвестиции во екологијата и заштита на животната средина, големи вложувања за подобрување на условите во воспитно-образовните институции, соодветно насочување на средствата за спортот, развојот и поттик на талентирани спортисти, како и воспоставување уникатен систем со нула корупција.
ЦЕНТАР СО БУЏЕТ ШТО ОДГОВАРА НА ПОТРЕБИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, рече дека станува збор за буџет што во голем дел одговара и ги задоволува потребите на граѓаните, особено во делот на инфраструктурните зафати и решенија, зеленилото и хигиената, но и строгата контрола на давањето дозволи за градба.
– Со овие средства ќе реализираме проекти, еве, како пример ќе ја дадам новата градинката во Пролет. Тоа е инвестиција што на голем број граѓани ќе им го реши проблемот со згрижување на децата. Досега не само во Пролет туку и во околината нема предучилишна установа, поради што родителите се снаоѓаа како знаат. Тој проблем ќе биде решен за нешто повеќе од една година. Во образованието ги продолжуваме програмите за развој, како и наградите за првенец на генерација, доделување стипендии за талентираните ученици, како и стипендии за ученици од семејства во социјален ризик. Наедно издвојуваме средства за обезбедување и олеснување на буџетите на родителите за набавка на средства за хигиена – изјави Герасимовски.
Герасимовски посочи дека буџетот за 2022 година решава голем дел од трите клучни проблеми што ги потенцирале граѓаните во предизборниот период, а се однесуваат на проблемите со паркирањето, хигиената и зеленилото и урбанизмот во Општината.
– Во буџетот предвидуваме и средства за одржување на зеленилото, што беше јасно барање на граѓаните во предизборниот период. Исто така ја реактивираме програмата за обезбедување на парковите и урбаната опрема – изјави Герасимовски.
Средства се издвоени и за социјална помош, за проектот „Сервис за стари лица“ – Центар се грижи за повозрасните.
КАРПОШ ПОСВЕТЕН НА ЕКОЛОГИЈА И ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ
Во буџетот на Општина Карпош се предвидени средства за активностите на локалната самоуправа од областа на екологијата и енергетската ефикасност, урбанистичкото планирање и развој на општината, уредување на градежното земјиште, како и програмата за изградба, редовно, инвестициско и зимско одржување на сервисни, станбени улици и локални патишта на територијата на локалната самоуправа. Советниците дадоа зелено светло и за предлог-програмите за активностите на Општина Карпош од областа на информатичката технологија, за месната самоуправа, за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра, како и за програмите на Одделението за односи со јавноста и еднаквите можности меѓу жените и мажите.
Советот ги разгледаа и усвои предлог-програмите на одделенијата и секторите од локалната самоуправа. Беше усвоен заклучокот за информацијата што ја обезбеди општинската администрација, која се однесува на изработка на техничка спецификација, со цел комисиите и седниците на Советот преку стриминг-сервис да се емитуваат во живо.
ИЗГРАДБА НА УЧИЛИШТА И ГРАДИНКИ ВО ЃОРЧЕ
Изградба на нови детски градинки и училишта се предвидени во буџетот за 2022 година во Општина Ѓорче Петров.
Како што информираа од Општината, со новата проекција на општински средства се предвидени дополнителни средства за доградба на две нови детски градинки во состав на градинките во Хром и во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, за доградба на три основни училишта и за реконструкција на дел од покривот на ООУ „Страшо Пинџур“.
– Буџетот предвидува и средства за решавање на проблемот со водоснабдувањето во Кучково, нови инфраструктурни зафати во делот на улици, канализациска и водоводна мрежа, изградба на нови детски игралишта и за поставување нова урбана опрема, подигнување нови зелени површини, реконструкција на месните заедници, како и дигитализација на општинската архива – информираат од Општината.
Оттаму додаваат дека ќе се дава поголема поддршка за училишниот спорт.
– Генерално, 2022 година треба да биде година во која пред сѐ финансиски ќе ја стабилизираме општината, а истовремено да им излеземе во пресрет на потребите на граѓаните – рече градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Со буџетот за 2022 година првпат се регулира ангажирањето на комуналните работници и се воведуваат субвенции за велосипеди од вкупно 150.000 денари.