На пунктот на плоштадот „Македонија“ во Скопје досега е собрана хуманитарна помош за да исполни еден шлепер, а накај Турција во изминатите два дена веќе се испратени вода и алишта, ни кажа Давер Нуредин, еден од иницијаторите за покренување на хуманитарната акција со цел да се помогне на подрачјата во Турција и во Сирија што беа погодени од катастрофалниот земјотрес.

– Ние сме во координација со другите градови и села, односно со централниот кампус за пакување и организација за носење помош. Знам дека моментно имаме на располагање еден шлепер со алишта. Од вчера и завчера накај погодените подрачја се испратени вода и алишта – истакна Нуредин.
Тој соработува со хуманитарната организација „Биди Али“, основана од Али Февзи кој веќе е познат во јавноста по неколку хуманитарни акции. Февзи минатата година беше добитник на наградата за хуманост „Мајка Тереза“.

Граѓаните на пунктот можат да донираат облека, храна, хигиенски средства и сѐ друго што им е неопходно на луѓето. Единствено не се прифаќаат парични донации.

Пунктот е отворен од понеделникот, со дозвола на Град Скопје, и работи без престан, благодарение на волонтери од Турција кои се на студии во Македонија. Тие веќе се координација и со другите градови низ државата за собирање на хуманитарна помош.

Според досегашната практика, најмногу се донираат зимски алишта, шатори и храна, а на пунктот доаѓаат граѓани од сите генерации и националности, со желба да им помогнат на луѓето во подрачјата погодени од земјотресот.

И Македонија се вклучи со хуманитарна помош и со испраќање специјални тимови за потрага. Армијата на Македонија упати тим за претрага и спасување составен од 24 армиски припадници и две кучиња, коишто веќе заминаа за Турција. Претходно, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, за МИА потврди дека тимови за заштита и спасување составени од 40 лица, се упатени во реонот погоден од земјотрес во Турција, Газијантеп.
Од Град Скопје и од дел од локалните самоуправи се испратени екипи за помош, а на вонредни седници на советите се одлучува колку финансиски средства да се одвојат за настраданите во земјотресот.
Најсилниот од серијата земјотреси во Турција и во Сирија беше со јачина од 7,8 степени по Рихтер.