Фото: Игор Бансколиев

Изминатиот период градските власти интензивно работат на расчистување на дивите депонии. Според информациите од Град Скопје, досега се исчистени повеќе од 120 диви депонии, меѓу кои депонијата на кејот на реката Вардар во општината Гази Баба, каде што беа собрани над 4.000 кубни метри комунален отпад и градежен шут, депонијата во Долно Лисиче, каде што беа собрани над 350 кубни метри отпад, депонијата кај Усјанскиот Канал, во Кисела Вода на улицата Христо Татарчев и многу други

ГОЛЕМ БРОЈ ЗАФАТИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ДОЛГОГОДИШНИОТ ПРОБЛЕМ СО ДИВИТЕ ДЕПОНИИ

Скопјани нудат свои идеи и решенија за голем број активности на градските власти. За секое парче земја што беше исчистено изминатиот период, скопјани, или барем оној дел од жителите што не се дел од групата загадувачи, даваат свои предлози за тоа кој е најдобриот начин да се заштити градот од повторно загадување, односно да се спречат загадувачите повторно да создаваат диви депонии, кои не само што го загадуваат воздухот туку и почвата, на која многумина засадуваат полјоделски и земјоделски култури, кои потоа, пак, на пазарите сите ги купуваме…

ИСЧИСТЕНИ ПОВЕЌЕ ОД 120 ДИВИ ДЕПОНИИ

Изминатиот период градските власти интензивно работат на расчистување на дивите депонии. Според информациите од Град Скопје, досега се исчистени повеќе од 120 диви депонии, меѓу кои депонијата на кејот на реката Вардар во општината Гази Баба, каде што беа собрани над 4.000 кубни метри комунален отпад и градежен шут, депонијата во Долно Лисиче, каде што беа собрани над 350 кубни метри отпад, депонијата кај Усјанскиот Канал, во Кисела Вода на улицата Христо Татарчев и многу други.
– Од аспект на контрола на терен, инспекциските служби на градот постојано се на терен, вршејќи контроли и постапувајќи неселективно кон сите оние што ги загрозуваат животот и здравјето на граѓаните. Инспекторатот на Град Скопје секојдневно постапува на терен, контролирајќи и по претходни пријави, каде што се изрекуваат казни за сите лица што се затекнати. Дополнително, за првпат, почнаа акција за чистење и казнување за приватни депонии, односно имот на кој сопствениците дозволиле од негрижа или од други причини да се креира отпад во скопските општини. Покрај редовните контроли, на дел од исчистените простори, каде што дозволуваат условите, истите тие ќе бидат заградени за да не се користат повторно за незаконско депонирање отпад – информираат од Градот.
Оттаму додаваат дека Инспекторатот на Град Скопје ќе продолжи да дејствува со инспектори и комунални редари на борба против оваа појава, а сите предлози за подобрување на ефектите на работата ќе бидат разгледани и, доколку е возможно, тие ќе се имплементираат.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, истакна дека на дел од површините каде што постоеле диви депонии се планирани нови зелени површини, а Градот започнал и со зачестени контроли на редовен и вонреден неселективен инспекциски надзор и воспоставување системски решенија, со што секое физичко или правно лице што загадува и со тоа директно влијае врз загадување на воздухот, почвата и подземните води со фрлање и согорување опасен отпад и шут, ќе биде казнето со високи глоби.
– За првпат неселективно се изрекуваат драконски казни за загрозување на животот и здравјето на граѓаните. Град Скопје со стратегија за превенција, започнува со имплементација на системско решение, кое опфаќа фотодокументирање на загадувачите, работа во смени на Инспекторатот за санкционирање на сторителите, снимање со дрон за детекција на депонии и обиди за нивно палење, но и активен систем за пријави од граѓани за итна реакција за превенција на загадувачите и нивно неселективно казнување – дополни таа.

И ГРАЃАНИТЕ СЕ „РАЗБУДИЈА“ СО СВОИ ИДЕИ И ПРЕДЛОЗИ

За секоја исчистена депонија, скопјани нудат голем број идеи и предлози како да се најде решение со кое ќе се спречат загадувачите повторно да создаваат депонии.
– Сметам дека на локациите што не се толку фреквентни е потребно да се постави чуварска служба, која 24 часа на ден ќе биде дежурна и ќе го обезбедува просторот, а секој што ќе сака да фрла ѓубре ќе биде спречен од таа намера – вели Филип Димовски.
Според други граѓани, пак, итно е потребно да се постави надзорен систем со камери, со кои ќе се снимаат загадувачите и потоа ќе бидат санкционирани.
– За нашите загадувачи не е потребна инспекција, туку 24-часовен видеонадзор. Да се остават да загадат, да се снимаат и дури потоа да се санкционираат, и тоа со високи казни, нема да им текне повторно да фрлат ѓубре. Само на тој начин ќе се спасиме од дивите депонии и загадувачите – вели Емилија Спасевска.

ФОРМИРАН ГРАДСКИ ЕКОСОВЕТ – ЗЕЛЕН СОВЕТ

За наоѓање голем број проблеми поврзани со животната средина се формира градскиот екосовет „Зелен совет“, чија главна цел е да ја подобри заштитата на животната средина во градот, да креира политики за спроведување активности за поставување системски решенија за намалување на загаденоста, како и поставување нови стандарди за заштитата на животната средина.
– Градскиот екосовет што го формиравме го сочинуваат дваесет и пет експерти, професори и претставници на граѓански организации од областа на урбаното планирање, урбанизмот, архитектурата, сообраќајот, енергетиката и заштитата на животната средина. Тој има цел да креира политики од областа на екологијата, сообраќајот, урбаното планирање на градот, да предлага стратегии и да дава совети за иднината на развојот на Скопје – истакна градоначалничката Арсовска.