На вчерашен ден пред 59 години, Скопје ја живеело вообичаената дневна шема. Оние помалобројните биле заминати на одмор, а преостанатите, кој како знае, се бореле со летната жега, повеќето барајќи спас во студените води на Вардар, или на Градска, Руска и на другите плажи, тогаш најпосетуваните места во градот. Омилена вечерна забава било киното, а филмови се гледале и во неколкуте летни бавчи во центарот. Помладите оделе на корзо, шетале покрај кејот и во Градскиот парк или ќе се засладеле со понекое ќебапче во „Кермес“, со кригла пиво или сладолед во корнет. Никој не ни претпоставувал дека часови ги делат од кобниот 26 јули, по кој веќе ништо нема да биде исто.
Сакајќи да дознаеме како пулсирал градот само ден пред катастрофата, се вративме назад во времето, прелистувајќи ги старите броеви на „Нова Македонија“ од 25 и оној од 26 јули 1963 година, веќе отпечатен пред да се затресе земјата утрото, во 5.17 часот.
Скопјани на 25 јули 1963 година спас од летните жеги барале на плажите, ама и во синдикалното одморалиште „Сарај“, покрај базенот и спортските терени. Вечерта биле испоседнати на ќебапчиња во „Кермес“, во „Опатија“ или гледале филмови во летните бавчи пред Офицерски, на столчиња донесени од дома. Младите ни вечерта пред катастрофата не го пропуштиле корзото.
Тој ден биле склучени 8 брака, а на свет дошле 15 скопјанчиња. Немало ниедна сообраќајка, а и службата за брза помош немала многу интервенции. Свечено во пензија заминале 60 машиновозачи, а на плоштадот „Маршал Тито“ била отворена нова продавница за сувенири. Привршувала изградбата на хотел „Гранд“, а за свечено отворање се подготвувал 13. Скопски саем, што тогаш бил на Кале. Во кино „Култура“ се прикажувал американскиот филм „Златниот кадилак“, а на Радио Скопје многу слушана била емисијата „Забавно матине“. Скопје тогаш имало околу 220.000 жители, кои живееле, мирен, скромен, но среќен маалски живот. М.Т.