Фото: Маја Јаневска-Илиева

СОВЕТИ ЗА ЛЕТНИОТ ПЕРИОД И ПРЕТСТОЈНИТЕ ВИСОКИ ТОПЛОТНИ БРАНОВИ

Пациентите мора да внесуваат течности, да се рехидрираат. Важно е течностите да не бидат ладни, да се пијат многу вода и природни сокови, да се консумираат многу овошје и лесна храна. Ладните напитоци да се избегнуваат целосно, бидејќи тие му прават шок на организмот. Човековото тело е со температура од 36,5, секој пијалак што е постуден од оваа температура предизвикува шок, вели д-р Лидија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари

Првиот топлотен бран ни пристигна, па со тоа ќе почнат да се вжештуваат телефонските линии на брзата помош, а ќе се зголеми и интензитетот на работа на матичните лекари. Факт е дека летото носи голем број здравствени предизвици, бидејќи граѓаните најчесто не обрнуваат внимание на жештините сѐ до оној момент додека не им се случи нешто. За тоа како да се заштитиме од топлотни удари, сончаници и како да превенираме здравствени импликации се консултиравме со здравствените експерти.

ШТО СОВЕТУВААТ ЛЕКАРИТЕ

Секое лето, здравствените работници ги советуваат граѓаните да бидат внимателни при излегувањето на отворено. Советите да се избегнува престој на сонце во периодот од 10 до 17 часот сѐ уште важат и се клучната алатка во справување со горештините.

Непотребното излегување надвор треба целосно да се избегнува, а рехидратацијата е клучна во овој период од годината. Темната облека треба да се избегнува, а препораката од лекарите е да се носи светла и лесна облека, преку која телото ќе може да дише.
– Пациентите мора да внесуваат течности, да се рехидрираат. Важно е течностите да не бидат ладни, да се пијат многу вода и природни сокови, да се консумираат многу овошје и лесна храна. Ладните напитоци да се избегнуваат целосно, бидејќи тие му прават шок на организмот. Човековото тело е со температура од 36,5, секој пијалак што е постуден од оваа температура предизвикува шок – вели д-р Лидија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Таа додава дека во овој период од годината кај одредена категорија граѓани има почести вртоглавици, варијации во крвниот притисок, па препораките се да не се внесува солена храна и да се намали консумацијата на кафе, како и да се избегнува внесувањето алкохолни пијалаци.
– На високи температури, алкохолот дополнително ги проширува крвните садови и може лесно да дојде до нивно прскање – потенцира таа.

Според неа, важна е физичката активност, која нема да се одвива во екстремно топлите периоди од денот.
– Секогаш препораката е да се пешачи наутро или навечер. Во времето кога е најтопло не треба. Физичката активност е важна за здравјето на секој поединец. Мускулите треба да потрошат шеќер што е вишок во организмот. Десет километри е препораката за движење секојдневно – нагласува докторката.

Овој период е актуелна и посетата на базените, сезона е на одмори, па многумина, во обид да се разладат, скокаат директно во водата, без претходно да се адаптираат.
– Мора да се направи адаптација, односно, приспособување на температурата на телото со температурата на водата – истакнува таа.

Чолакова Дервишова вели дека граѓаните треба да бидат одговорни кон себе и да ги почитуваат препораките на лекарите.
– Граѓаните што ќе патуваат на одмор важно е да не патуваат во периодот кога е најтопло – потенцира таа.

ДОКОЛКУ НЕ СЕ ПРИДРЖУВАМЕ ДО ЗДРАВСТВЕНИТЕ СОВЕТИ, И СОНЦЕТО МОЖЕ ДА БИДЕ НЕПРИЈАТЕЛ

Заштитата на кожата е исто така важна во овој период од годината, бидејќи светските статистички податоци покажуваат дека сѐ поголема е бројката на заболени од рак на кожата.

Според Чолакова Дервишова, лицата со повеќе бенки на телото треба да бидат особено внимателни во летниот период. Заштитата треба да вклучува заштитна крема на лицето и целото тело, носење капи и лесна облека, која го покрива и штити телото.
– Сега УВ-зрачењето е големо. Пациентите мора да внимаваат и да се заштитат од јаките сончеви зраци, да користат заштитни фактори, особено белите лица и лицата со помалку пигмент. Подолгата изложеност на сонце може да предизвика кожни промени, како црвенило и изгореници – вели таа.

Докторката потенцира дека секогаш постои ризик од појава на посериозни промени на кожата.
– Лицата со повеќе бенки треба да се заштитуваат со минимум фактор 50, бидејќи токму таквите бенки лесно можат да преминат од бенигни во малигни. Ако луѓето забележат промени, важно е веднаш да се упатат на дерматолог – вели таа. Д.Т.З.