Интензивно се работи на реконструкцијата на патот кој води кон Пеленица – една од фреквентните, но со децении запоставувани патни делници во овој дел на Скопје. По речиси три децении чекање, овој потег конечно ќе добие безбеден, функционален и достоен сообраќаен пристап за жителите на Кисела Вода, Драчево и околните населени места.
Изградбата се одвива на потегот од „Јустинијан Први“ до границата со Општина Студеничани, на делница долга 3.370 метри. Патот се проширува на ширина од околу 6 метри, а за првпат се воведува и тротоар од едната страна, што досега никогаш не постоел на оваа рута. Со тоа, покрај возачите, и пешаците добиваат безбедност, што претставува особено важно подобрување за целокупната мобилност во овој дел од општината.
Покрај асфалтирањето, во рамките на проектот се изведуваат и инфраструктурни зафати кои досега целосно недостасуваа. Се поставуваат ф1000 цевки за третирање на атмосферските води, како и каналетки за нивно безбедно одведување, со што се решава еден од клучните проблеми – поплавувањето на патот при врнежи.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, нагласува дека ова не е само инфраструктурен зафат, туку враќање на достоинството на луѓето кои предолго чекале на основна комунална функционалност.
-После 30 години конечно се реконструира патот кон Пеленица! Тридецениската голгота завршува тука, граѓаните ќе се движат по модерен и безбеден пат. Се работи интензивно, на целата делница, со сериозни градежни интервенции кои вклучуваат и изградба на тротоар и решавање на атмосферската канализација. Заедно со Владата на Република Македонија и Премиерот Христијан Мицкоски, ја демонстрираме вистинската смисла на соработка – за реални проекти кои носат квалитетен живот. Продолжуваме со истата сила, бидејќи нашите граѓани го заслужуваат најдоброто- изјави Ѓорѓиевски.