Има одредени индиции дека постои сериозна злоупотреба со проценките на данок на имот во Град Скопје, изјави градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека стручни служби веќе се влезени и испитуваат како на пример, одредени објекти наместо да плаќаат за површина од 20 илјади квадрати, плаќаат данок на имот само за 500 квадрати површина.
Ѓорѓиевски, во гостувањето во дневникот на Сител, изјави дека веќе имале неколку последователни состаноци со Управата за финансиска полиција, нагласувајќи дека „сериозно се занимаваат и со јавните претпријатија и состојбите таму, но и со состојбите во Градот Скопје“, изразувајќи надеж дека во наредниот период конечно ќе има исход од сите тие постапки коишто во минатото нанеле сериозни штети на јавните претпријатија и Градот Скопје.
– Проценките на данок на имот, има одредени индиции кај нас, да не бидам попрецизен и кажам дека имам сигурни информации. Има стручни служби и веќе се влезени да го испитуваат тоа, на пример, како на одредени објекти наместо да плаќаат за површина од 20 илјади квадрати во Градот Скопје, на некого му текнало во секторот, можеби насочен од некој друг, да се плаќаат само за 500 квадрати површина данок на имот. Тоа е сериозна злоупотреба и на крајот на денот сметката за тоа ја плаќаме сите ние, граѓаните – изјави Ѓорѓиевски.
Има, нагласи Ѓорѓиевски, многу ниска наплата на данок на имот и најави дека од наредната година започнуваат со проект за нова репроценка на данокот на имот.
– По она што го имаме како првична информација околу 40 милиони евра на годишно ниво се загубите, што се енормни загуби на ниво на Град Скопје – изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, исто така, рече дека денска имал средба и со стопанствениците на ресторани и кафеани во Градот Скопје и дека над 95 проценти од сопствениците на локали пет години наназад не им биле регулирани односите за користење на локалите.
– Едноставно, системот не функционирал. Затоа недостасуваат и средства во буџетот, затоа е состојбата алармантна не само со јавните претпријатија, туку и со Градот Скопје во однос на финансиите – изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, меѓу другото, изрази убеденост дека може градот да го исправат на здрави нозе и нагласи дека не работи сам и оти има сериозно добар тим, што е зад него и помага.
Во однос на 500-тината вработени на кои им го прекина работниот однос првиот ден како градоначалник, Ѓорѓиевски рече дека тоа граѓаните ги чинело годишно околу пет милиони евра што значи дека „губеле по два Луна парка во еден градоначалнички мандат“ со оглед дека новиот Луна парк, за кој тендерот ќе биде распишан до петок како што претходно најави, ќе чини околу 10 милиони евра.




































