Фото: Пекселс

Кога станува збор за електричните предмети што трошат најмногу електрична енергија во домаќинството, меѓу првите три уреди се бојлерите, машините за сушење облека и термопечките

Пролетниот период е најдобар за анализа на режиските трошоци и за планирање сериозни заштеди во домашниот буџет

Домашниот буџет е постојано на удар на поскапувања од сите страни, па во таква ситуација граѓаните се принудени да го анализираат и повеќепати секој издаток, секој трошок, во надеж дека ќе успеат да најдат некакво алтернативно решение или да скусат на трошоците онаму каде што тоа не е неопходно. Како по обичај, сметките за одржување на домаќинството, познати и како режиски трошоци, најчесто се подложувани на анализа, при што граѓаните ја проверуваат секоја ставка во сметките, во надеж дека во некој сегмент може да се направи заштеда. Токму во периодот по зимата, во месеците кога и надворешните температури стануваат повисоки и попријатни и кога веќе не се вклучуваат грејните уреди во домовите, граѓаните можат да направат една споредбена анализа на потрошувачката на струја, поточно на финансиските издатоци за оваа намена. Притоа, можат да се извлечат заклучоци, каде точно може да се скратат трошоците со добро планирање на употребата и потрошувачката на домашните електрични апарати.
Имено, многумина ја анализираат потрошувачката на апаратите за домаќинство, што резултира со готвење на евтина струја, вклучување на машината за алишта исто така само во периодите кога струјата е поевтина, сѐ со цел да го намалат износот на сметката. Сепак, постојат и некои помалку познати факти и правила што успешно го намалуваат високиот износ на сметката.

Машината за сушење облека еден од најголемите потрошувачи

Според експертите, несоодветно одржуваната машина за сушење алишта е најголемиот потрошувач на електрична енергија во домаќинството и е способна да работи пет или повеќе часа трошејќи големо количество електрична енергија.
– Доколку не се исчисти навреме, машината за сушење алишта троши премногу струја. Кога каналите за премин се блокирани, а тие се блокираат по една сезона поради акумулација на влакна што паѓаат од гардеробата, машината го суши создадениот текстил од остатоците од облеката, а не самите алишта. Затоа и луѓето се жалат дека машината за сушење облека им работи предолго. Едноставно, машината се обидува да ги исуши алиштата, добива информација дека сѐ уште има влажни алишта, па работи нонстоп и се врти во круг – објаснува електричарот Златко Петровиќ, кој наедно советува и сервисирањето да се врши по секоја грејна сезона, односно по зима, што ретко кој го практикува.
Кога станува збор за електричните предмети што трошат најмногу електрична енергија во домаќинството, Петровиќ наведува дека меѓу првите три уреди се бојлерите, машините за сушење облека и термопечките. Притоа тој укажува на еден недоволно познат факт што е причинител за поголема потрошувачка на струја.
– Кога изолацијата на термопечката е лоша, грејачот се загрева навечер, но глинените тули внатре многу брзо се ладат бидејќи нема што да ги заштити. Тоа е исто како куќа без фасада и изолација. Значи не е проблемот во печката, туку во изолацијата и тоа е причината што на термото му треба долго време да се загрее – вели експертот.

Зошто бојлерот троши многу?

Како што објаснува Петровиќ, потрошувачката на бојлерот е поврзана со неколку фактори, како што се типот на бојлерот, квалитетот на водата, изолацијата, а важна е и староста на бојлерот.
– Најмногу би ги препорачал проточните бојлери, кои се најисплатливи, бидејќи трошат најмалку струја, иако со своите 24 киловати се 12 пати помоќни од обичните бојлери, кои имаат два киловата. Кај нас се смета дека проточните бојлери се мали кујнски бојлери, но тие се ниско или високомонтирани бојлери со капацитет од пет, седум или 10 литри. Од друга страна, проточните бојлери, како што кажува самото име, немаат резервоар за складирање вода, т.е. имаат, но е со мал капацитет, а грејачот им работи од моментот кога ќе ја кренеме рачката од чешмата и работи онолку колку што ни треба, т.е. ако ни треба топла вода, пали 24 киловати. Се пали колку што го користиме, додека во моментот кога ќе се исклучи водата престанува да работи – вели тој.
Тој посочува и дека има големи разлики во квалитетот на бојлерите и дека е важно дали ќе избереме поскап или поевтин уред.
– Ако купите квалитетен бојлер, неговата изолација ќе биде добра и по десет години, само треба редовно да ги менуваме грејачите, но ако купите полош и поевтин, тој треба да се замени по пет години. Луѓето мислат дека тие ја завршиле приказната затоа што купиле бојлер со десет години гаранција, но не е тоа поентата, се работи за тоа да има добра изолација што нема да дозволи брзо ладење, што се случува за кратко време, па бојлерот постојано се вклучува и се гаси, а сметките за струја ќе бидат многу високи – вели тој.
Дополнително, водата насекаде не е иста, вели експертот, кој потенцира дека енергетската ефикасност на бојлерите зависи многу и од квалитетот на водата со која се полни. На пример, водата е различна во Скопје и во Охрид, некаде е потврда, некаде помека.
Во однос на прашањето дали бојлерот треба да се држи постојано вклучен, експертот вели и дека треба да се исклучи, особено ако се работи за стар бојлер, кој не е исчистен и не е добро изолиран.
– Инаку, новите бојлери со добра изолација слободно држете ги цело време вклучени, бидејќи така само ќе се дополнуваат, нема да се полнат цели одеднаш – вели тој.