Со одлука на Советот на Град Скопје, за Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ се издвојуваат 14 милиони денари за набавка на нови, специјализирани комунални возила, неопходни за поефикасно и навремено одржување на хигиената во главниот град. Дополнително, пристигнуваат уште две возила како донација од општествено-одговорни компании, што претставува значајна поддршка и признание за нашите напори, објави вечерва на Фејсбук градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Оваа одлука, како што наведува, повторно ја потврдува нашата посветеност кон домаќинско, рационално и одговорно трошење на средствата.
– Со ваквиот модел на набавка, градот заштедува и 2 милиони денари преку повратот на ДДВ, средства кои, доколку градот сам ги набавуваше возилата, ќе беа целосно потрошени. Уште поважно, веќе е почната постапката во соработка со Владата на Република Македонија и Светска банка, за набавка на повеќе од 20 нови специјализирани комунални возила. Ова значи модерна механизација, поголема ефикасност и подобра услуга за сите жители на Скопје. Набавката на нова опрема е инвестиција која се враќа веднаш – пишува скопскиот градоначалник.
Новите возила се под гаранција, со значително пониски трошоци за сервисирање, што ќе стави крај на бесконечните одливи за амортизација и поправки на старата механизација и возила стари по повеќе од две децении.
– Со секој ваков чекор градиме систем кој работи брзо, економично и во интерес на граѓаните. Скопје и скопјани заслужуваат современа услуга и достоинствен град. И со одговорно работење, тоа и ќе го добијат – нагласува Ѓорѓиевски.




































