Фото: МИА

На денешната седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлука со која се отвора можност еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите на семејно и родово базирано насилство.

Овој простор, како што информираат градските власти, ќе овозможи итно сместување, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.

– Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Град Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток – изјави градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје, како што се наведува, практично ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство. Оваа мерка претставува важен чекор напред во градењето на систем кој обезбедува сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.

– Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа – нагласи градоначалникот Ѓорѓиевски.

Град Скопје информира дека веќе ги подготвиле сите неопходни услови за објава на јавниот повик, кој ќе биде наменет за организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.

– Со ова почнуваме нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење со цел изградба на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара – се наведува во соопштението.