Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја презентираше Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која започнува ново поглавје во развојот на оваа институција. Стратегијата поставува јасна и амбициозна визија за трансформација на Зоолошката градина во современ центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните.

– Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со неа правиме суштински исчекор од поимот на зоолошка градина како место за забава, кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните – стои во објавата на социјалните мрежи на градоначалникот Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Нашата цел, како што посочува тој, е Зоолошката градина да стане училница на отворено, каде децата ќе заминуваат не само со спомени, туку и со знаење, свест и емпатија кон природата.
– Едукацијата е најсилната алатка за долгорочна заштита на биодиверзитетот. Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови. Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не можат сами да опстанат во дивината – истакнува Ѓорѓиевски.
Стратегијата, како што вели градоначалникот, е целосно усогласена со строгите стандарди на EAZA, со јасна цел за полноправно членство.

– Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост. Планирана е и целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби – нагласува Ѓорѓиевски.
Според него, со овие чекори Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде науката и грижата за животот се среќаваат.
– Ова е амбициозна, но неопходна визија и затоа ги повикувам сите – институции, граѓански сектор и бизнис заедница да се вклучат во нејзината реализација – напиша скопскиот градоначалник.
































