Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска нагласи дека е убеден оти до јуни – јули ќе пристигне првата пратка од стоте автобуси за главниот град.
– Автобуси требаше да имаме во март, но тендерот пропадна. Јас не се плашам да се извинам ако згрешам со проценките. Сега, наместо 80 ќе бидат набавени 100. Најголем дел од нив ќе стигнат оваа година – рече Ѓорѓиевски вечерва во гостувањето во Дневникот на Сител.
Тој потсети дека има владина одлука за набавка на нови автобуси и земајќи ја предвид и вклученоста на премиерот во овој процес, како што рече, убеден е дека оваа година ќе пристигнат новите автобуси.
– Дали ќе стигнат сите сто автобуси, не сум убеден во тоа, но дека ќе пристигнат автобуси кои сериозно, драматично ќе ги подобрат состојбите и голготата низ која долги години поминуваат нашите сограѓани, ќе стигнат – рече Ѓорѓиевски и додаде дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт на централно ниво, тогаш се обновува флотата на автобуси на ЈСП.
Тој истакна дека е убеден оти процесот е во финална фаза и дека ќе биде распишана тендерската постапка.
– Убеден сум дека до јуни или јули би пристигнала првата пратка автобуси, но тоа не зависи само од мене. Чесно ќе кажам, убеден сум дека Владата ќе обезбеди 100 автобуси за граѓаните, она што ни беше ветено. За динамиката ќе треба да се утврди и да се координира со нив – нагласи градоначалникот.
Тој истакна дека од моментот кога стапил на градоначалничката позиција од 157 автобуси уште 30 се ставени дополнително во функција и напомена дека станувало збор за автобуси кои се во сопственост на ЈСП, а многу од нив не сообраќале поради ситни поправки.
Ѓорѓиевски рече дека по сто дена на оваа позиција, кои неодамна ги одбележа, во моментов се соочува со повеќе предизвици.
– Би бил неискрен ако кажам дека дојдов и за сто дена решивме сè. Јас не сум сто месеци градоначалник, туку три месеци и неколку дена. За релативно краток период постигнавме сериозен успех. За релативно кратко време имаме 40 милиони евра вратени долгови на јавните претпријатија и на Градот, нешто што не паметам дека некој го направил во минатото – рече градоначалникот.
Тој посочи дека кога дошол на функцијата биле закочени процесите во повеќе области, како Скопје европска престолнина на културата 2028, Пречистителната станица, на која, како што рече, сега се работи со сериозен прогрес, досега има над 30 отсто реализација, булеварот „Борис Трајковски“, каде имало целосно закочени односи со сопствениците, кои никој четири години наназад не ги повикал да разговара со нив, мостот „Љубљанска“, Момин Поток…
Ја спомена и Комуналната хигиена, при што посочи дека кога стапил на функцијата таму имало 16 исправни комунални возила, а денес има 57 кои сообраќаат. Додаде дека сè уште има пропусти, бидејќи станува збор за стара механизација и тоа ќе биде се додека не пристигне новата.
За БРТ проектот постапките на терен ќе започнат во 2027, а до крајот на неговиот мандат најави и дека Скопјани ќе ја добијат првата подземна сообраќајница кај Лимак.
За подобрување на квалитетот на воздухот, а во тој контекст и одлуката на Градот Скопје за дислокација на УСЈЕ, нагласи дека треба да има строги контроли и иако тоа не е надлежност на Градот, додаде дека никој не го спречува, во координација со Министерството за животна средина, да ги спроведуваат.
– Она што во моментов треба да биде и наша интенција и на Владата, драго ми е што и претседателот на Владата го поддржа тој процес, е дека на долг рок мора да работиме конт оа сите потенцијални загадувачи, односно целата потешка индустрија да се отстрани од централното градско подрачје. За мене успешен мандат ќе биде ако до крајот на мојот мандат успееме да започнеме со тој процес. Знам дека станува збор за приватна сопственост, знам дека имаат аргументи и од другата страна, не е само Усје, кој треба да се споменува на оваа тема, има уште неколку слични локации во град Скопје – рече Ѓорѓиевски и додаде дека таму треба да се најде алтернативен начин за загревање и за производство.




































