Низ скопските улици попладнево се вози 91-та Критична Маса во Скопје, известија од „На Точак“ – групата ентузијастви за подобро велосипедско Скопје. Турата започна од плоштадот „Македонија“.
– Од мај 2012-та досега 90 пати сме ја возеле „официјалната“ критична маса групно по улиците праќајќи осмислена порака важна за велосипедскиот сообраќај – велат од „На Точак“.
– Зборот, пак, „критично“ од слоганот за кризата во однос на ситуацијата во Скопје, се поклопува со името на настанот „Критична Маса“ кој подразбира доволна бројка на луѓе кои ќе направат промена. Се надеваме дека имаме доволно критична маса за оваа криза (на кинески зборот криза се формира од зборовите опасност + можност) да ја претвориме од опасност во надеж! – додаваат организаторите на „Критична Маса“.
Скопје заслужува подобри градоначалници и општински совети, луѓе кои нема да се бават со ситни теми, туку радикално ќе го подобрат градот! Креваме слушалка заедно кон Скопје и му велиме: „Ало 091, ало Скопје, критично е, дојди на Критична Маса“.