На патеките на Водно пешачат рекреативци, постари граѓани и деца, а одржуваат кондиција и планинари и спортисти. Сепак, факт е дека многумина заминуваат со автомобили, окупирајќи го секое слободно место, но и загадувајќи го воздухот во овој зелен појас. Дополнително, сѐ поголемата урбанизација на овој планински екопојас, кој значи многу за сите, само го убива и она малку зеленило што на скопјани им останува за квалитетно живеење. Токму поради тоа, властите од Општина Центар и од Град Скопје, во одделни акции и со свој придонес почнуваат активно да се занимаваат со обиди за заштита на Водно за доброто на сите
Загаденоста во Скопје не е ниту новитет ниту нешто што ретко се појавува. Таа стана дел од нашите животи, негативно влијаејќи на квалитетот на нашиот живот. Во таа смисла, една од препораките на сите надлежни, независно дали се здравствени работници или, пак, екологисти, е во секое слободно време граѓаните да посетат планина, каде што белите дробови ќе ги прочистат од загадениот воздух и ќе ги наполнат со чист планински воздух, кој нема да им штети на нивното здравје.
Токму тоа е и причината поради која Водно е најпосетената локација изминатиот период. На Водно се качуваат планинари, постари граѓани и деца, но, сепак, факт е дека многумина заминуваат со автомобили, окупирајќи го секое слободно место, но и загадувајќи го овој зелен појас. Дополнително, сѐ поголемата урбанизација на овој планински појас, кој значи многу за сите, само го убива и она малку зеленило што на скопјани им останува како филтер за прочистување и квалитетно трошење енергија. Токму поради тоа, властите од Општина Центар и од Град Скопје во одделни акции и со свој придонес почнуваат активно да се занимаваат со обиди за заштита на Водно, за доброто на сите.
ЦЕНТАР СО ПОНУДА ЗА ЗАЕДНИЧКА СОРАБОТКА СО ГРАЃАНИТЕ
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, неодамна оствари средба со жителите на Водно, односно со жителите на улиците Питу Гули, Козара, Салвадор Аљенде и околните улици.
На средбата се разговараше за решавање на проблемите со новите градби на Водно и за заштитата на парк-шумата, при што градоначалникот им понуди општинска поддршка на претставниците на жителите преку целосен увид во документацијата од Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07 – локалитети: Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара.
– На средбата со граѓаните на Водно им понудив заедничка соработка и увид во документацијата за ДУП-от Ј 07, која ќе биде достапна за претставниците на жителите од овој дел од Центар. Нашиот заеднички интерес е заштита на зелениот појас и ние како општина ќе сториме сѐ во рамките на можностите за да ги запреме градбите што се надвор од законот. Затоа и барам внимателна анализа и од страна на жителите. Исто така, на оваа средба ги повикав граѓаните да ја пријават секоја нова градба за која сметаат дека е надвор од законските прописи – изјави Герасимовски.
Претставници на групата граѓани од Водно во текот на неделава ќе се сретнат со Герасимовски и општинските служби, за подетално и од прва рака да се информираат за градежните активности, но и за тековните состојби на падините на скопските бели дробови. Заедничката и директна комуникација со граѓаните носи подобри резултати и решенија во полза на сите засегнати страни. Од оваа причина, градоначалникот на Општина Центар иницира директни средби за брзи и конкретни решенија.
ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА ГРАД СКОПЈЕ СО НОВА ПРЕДЛОГ-ОФАНЗИВА ЗА ЗАШТИТА НА ВОДНО
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, оствари средба со претставници на граѓанското здружение „Го сакам Водно“ и на иницијативата „O2“, на која разговараа за фазата на реализација на иницијативата за предлог- законот за заштита на Водно.
Градоначалничката Арсовска посочи дека Водно и Скопје се неразделно поврзани, a со насилната и нелегална урбанизација се загрозува овој зелен штит на градот и не треба да се дозволи узурпација на овој значаен дел од Скопје.
– Се обврзавме на заштита на Водно, со обезбедување дополнителен степен на законски регулирана заштита во интерес на Скопје и скопјани. Започнавме со креирање предлог-решение за законско обезбедување заштита на Водно, со што инициравме закон за заштита на Водно – посочи градоначалничката Арсовска на средбата.
Заедно со граѓанските организации, Град Скопје започна постапка и во својата програма за 2022 година издвои средства за изработка на просторен план за Водно. Град Скопје се заложува за системско решение за Водно и со иницирањето на овој предлог-закон, кој ќе биде поднесен до Собранието, конечно правно ќе се регулира заштитата на Водно.
НЕКОИ ОД ГРАЃАНИТЕ БАРААТ ИТНИ МЕРКИ
За љубителите на природата, за оние што на Водно не се искачуваат со автомобил, но и за жителите на Скопје, Водно итно мора да се заштити, за да не се наруши и уништи неговата функција.
Според нив, апсурдно е да се бара чист воздух со автомобил, или со урбанизација, при што за изградба на секој објект се сечат голем број дрвја и се уништува зеленило.
– Водно ни е единственото нешто што го имаме во Скопје за да можеме, народски кажано, да се излуфтираме. Да, ја имаме и Скопска Црна Гора, но таму, за разлика од Водно, не е урбанизирано до тој степен и не секој знае од каде да се качува, а и да не се лажеме, Водно е побезбедно за почетници, за деца па и за постари лица – вели Сашко Трајановски.
Според граѓаните, важно е Водно да се заштити, за да им остане на идните поколенија.
Според мене, секаков вид урбанизација е веќе непотребен. Доста се и жичници и коловозни ленти, доста се згради, објекти… Се уништува природата, а сите знаеме дека тоа никому не му носи добро. Доста е куќарки за кафиња, за храна и грицки. Доста е сѐ на Водно. Треба да ја оставиме природата таква каква што е, ние не сме тие што треба сѐ да преправиме, да доправиме и исправиме – вели Милица Андреевска.