Фото: Маја Јаневска-Илиева; Граѓаните индивидуално се обидуваат да го доловат новогодишниот сјај во градот

Во центарот на главниот град, на плоштадот „Македонија“, деновиве беше поставена новогодишна елка. Украсена симболично и умерено, со скромни украси, градските власти колку-толку се обидоа да доловат новогодишен амбиент во градот. На плоштадот се поставени и куќарки на кои се продаваат украси, храна и пијалаци, а за анимација на најмалите се поставени и вртелешки. Во мини-анкета што ја направи екипата на „Нова Македонија“ во поглед на украсувањето на градот, граѓаните главно не ја кријат разочараноста поради немањето новогодишни украси, иако сите ги поддржуваат мерките за штедење

ГРАЃАНИТЕ ВОЗДРЖАНИ И БЕЗ НОВОГОДИШНА ЕУФОРИЈА

Новогодишниот сјај годинава блеска помалку. Впечатокот е таков ако се има предвид однесувањето на граѓаните во споредба со она што се случуваше во минатото. Доволно е да излезете на улиците од главниот град и ќе забележите дека новогодишната еуфорија ја нема во онаа мера на која сме навикнати.
Се обидовме да ја регистрираме состојбата низ градот во поглед на подготовките на граѓаните за новогодишната прослава и, за жал, немаше нешто многу да се забележи. Градот деновиве остана украсен со една новогодишна елка и мал број украси околу неа. Општините веќе одамна кажаа дека украсувањето годинава ќе изостане, како последица на економските мерки за штедење, па од прошетката низ градот што ја направи екипата на „Нова Македонија“ евидентно беше тоа што самите граѓани се обидуваат да го доловат новогодишниот сјај во градот.

ЕЛКА СО СИМБОЛИЧЕН НАКИТ ОД УКРАСИ

Најголем интерес во јавноста предизвика темата за новогодишното украсување на централното градско подрачје, каде што сите граѓани сакаат да прошетаат и да се фотографираат со новогодишната елка и поставените украси. Додека на социјалните мрежи се објавуваат фотографии од новогодишниот декор на другите градови низ земјава, скопјани се во недоумица дали градот воопшто ќе биде украсен.
Уште пред неколку недели, кога прашавме во Градот дали ќе се украсува и што сѐ ќе биде накитено во градот, од надлежните добивме одговор дека за тоа ќе има посебна прес-конференција, на која ќе бидат соопштени деталите. И овој пат упативме прашања до градските власти за тоа што ќе се украсува и каква програма ќе има за новогодишната ноќ и дали воопшто ќе има, меѓутоа одговор не добивме.
Во центарот на градот, на плоштадот „Македонија“, деновиве беше поставена новогодишна елка. Скромно украсена, со скромни украси, градските власти колку-толку се обидоа да доловат новогодишен амбиент во градот. На плоштадот се поставени и куќарки на кои се продаваат украси, храна и пијалаци, а за анимација на најмалите се поставени и вртелешки.
Од малата анкета што ја направи екипата на „Нова Македонија“ во поглед на украсувањето на градот, граѓаните главно не ја кријат разочараноста поради немањето новогодишни украси, иако сите ги поддржуваат мерките за штедење.
Некои од нив велат дека и она малку што ги радува сите го нема, дека долго време веќе сме западнати во апатија, па дури кога се во прашање и позитивните и убави работи како новогодишните празници.
Украси низ центарот речиси нема, оние што ги има едвај можат да се забележат, а голем дел улици се во делумен мрак како резултат на мерките за штедење.
– Да, треба да се штеди, и тоа е сосема во ред, меѓутоа не мораше дотолку да се штеди на новогодишниот амбиент. Трета година сме во некаква криза. Прво беше ковидот, сега оваа состојба и морам да кажам дека сето тоа донесе огромна депресија кај сите нас. За да се израдуваат нашите деца, трчаме по големите молови наместо како некогаш, центарот на сите случувања да ни е плоштадот – вели Лилјана Здравковска, скопјанка што смета дека, и покрај мерките за штедење, градот и општините требаше да бидат повеќе украсени.
Некои од граѓаните што ги прашавме велат дека жалат што најмладите нема да го видат традиционалниот новогодишен сјај на градот.
– Да, сите сме свесни дека треба да се штеди, дека треба да внимаваме на трошоците, дека треба да се однесуваме домаќински, но сепак не ни е сеедно. Најмногу ми е жал за најмладите, за децата до три години што немале можност да прошетаат на украсени плоштади, ниту пак по празнично декорирани улици и булевари. Сепак, што е тука е, ќе се обидеме и во вакви услови да им ја доближиме новогодишната радост на нашите најмлади – вели Вики Димовска, скопјанка што со задоволство се потсетува на тоа како изгледал градот кога бил новогодишно украсен.
И повозрасните укажуваат дека треба да се најде начин да им се доближи новогодишната магија на најмладите, па дури и во овие услови со редуцирани средства.
– Ако ова им го ускратиме на дечињата, на што да се радуваат? Снег во Скопје веќе одамна нема, па нема на што да играат надвор, освен на загаден воздух, барем новогодишниот амбиент е нешто што тие со душа го чекаат. Се радуваат на украси, на честитки, на пакетчиња, се фотографираат со Дедо Мраз, со новогодишни куќички… Овој период од годината е најубавиот за нив и нивната фантазија и среќното детство. Па, и не само тие, и ние се радуваме на елката, на новогодишниот дух, на онаа чудна празнична магија во воздухот што на сите ни влева надеж дека сѐ ќе биде добро и дека не е сѐ така црно како што изгледа. Пензионерка сум, почнувам сама од себе и од своите внуци, и јас и тие сакаме да имаме украсено Скопје – вели Милка Јосифовска, пензионерка од Скопје.

ГРАЃАНИТЕ СЕ ТИЕ ШТО ПРАВАТ СЛАВЕНИЧКА АТМОСФЕРА

Ако одлучите да прошетате низ цело Скопје, вклучувајќи го и централното градско подрачје, ќе добиете заклучок дека сепак граѓаните, и покрај препораките за штедење, не се откажуваат од новогодишните светилки во илјадници бои. Украсени тераси, прозорци и дворови можат да се забележат насекаде низ Скопје. Од новогодишниот декор не изостануваат ниту трговците, кои и покрај кризата, не штеделе на украси и новогодишни светилки.
Од нашето видување, голем впечаток ни остави скверот кај италијанската амбасада, украсен со жива елка, накитена со лампиони, светилки на дрвјата и осветлен „ѕвезден“ свод. Украсени се и голем број влезови во станбени објекти, како и елка на аголот на улицата 11 Октомври и булеварот Кочо Рацин.
Сопствениците на угостителските објекти исто така вложиле во новогодишниот декор. Тие велат дека на тој начин се обидуваат да привлечат повеќе посетители, но и дека сакаат на граѓаните да им овозможат каква-таква новогодишна магија.
– Ние плаќаме и поскапа струја, но, сепак, не сакавме да останеме во економската депресија што нѐ зафати оваа година. Најголемо задоволство за нас е кога детенце ќе дојде и ќе извика „Ооо “ на нашите украси, а дополнително со нив се гледа радоста и кај родителите, кои веднаш земаат телефони за да ги фотографираат покрај елката и украсите – вели сопственик на локал во центарот на градот.

ВЕШТАЧКИТЕ ЕЛКИ ПОСКАПЕНИ

Здравствената и економската криза го зедоа данокот, па тоа е евидентно и во овој најинтересен период од годината, кога вообичаено сите се подготвуваат за новогодишното украсување на домовите. А кога зборуваме за новогодишната приказна, неизоставно тука спаѓа и китењето на новогодишната елка, како дел од традицијата во секој дом. Во нашата репортажа се фокусиравме и на тоа што сѐ е накитено, но и на купувањето природни елки.
Оние што се заинтересирани за купување и украсување природни елки, нешто што во минатото, пред повеќе од дваесетина години, беше рутина и правило, велат дека купуваат природни елки затоа што потоа традиционално ги засадуваат во своите дворови. Тие велат дека и покрај тоа што вештачките елки почнаа да ги заменуваат природните новогодишни растенија, досега не купиле вештачка елка. Од друга страна, некои од граѓаните велат дека им е поисплатливо да купат вештачка елка, која ќе ја користат неколку години, наместо природна, која ќе трае само неколку дена.
– Секоја година купувам природна елка, затоа што тоа ме потсетува на моето детство, на еден многу поубав, побезгрижен период, кога растевме ние. Зборувам за периодот пред повеќе од 25 години, кога новогодишните празници имаа многу поинакво значење од она што го имаат денес. Украсуваме природна елка, која ја наводнуваме за да не ни се исуши, а по завршувањето на празниците, ја засадуваме во дворот, како спомен и сведоштво на уште една измината година – вели Христина Митровска.
Оние, пак, што годинава сакаа да се подноват со нова вештачка елка велат дека овој пат елките биле поскапи за разлика од минатите години.
– Како што рипнаа цените на сѐ, така рипнаа и на вештачките елки. Навистина се поскапени, иако треба и продавачите да спечалат, сепак треба да имаат и осет дека народот нема пари. Барем малку да ги спуштат цените за да можат да купат тие што сакаат – вели Билјана Горгиевска.

ФИНАНСИСКАТА КРИЗА ГИ ОДНЕСЕ СЛАВЕНИЧКИОТ ЕНТУЗИЈАЗАМ И ПОЛЕТ

Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ продава природни елки преку своето претпријатие „Флораком“, формирано токму за таа намена, како место каде што се произведуваат и продаваат поголем број видови садници, меѓу кои и природни елки.
Оттаму велат дека финансиската криза го зела данокот и дека, во споредба со минатите години, годинава се продадени помал број елки.
– Во периодот пред Нова година би сакале да потенцираме дека оваа година во споредба со претходните години, пред појавата на финансиската криза, која беше на глобално ниво поради состојбата со ковид 19, продажбата е намалена, иако интересот кај граѓаните сепак останува. Кај нас се продаваат природни елки од видот Picea Excelsa. Од година на година се зголемува интересот за купување природни елки, бидејќи тие се навистина убави и се по пристојна цена и квалитет, а освен што ќе го украсат просторот во текот на празниците, подоцна ќе може да се засадат во дворовите за да станат природен филтер во природата за поубава и почиста околина – информираат од „Флораком“.
Оттаму додаваат дека очекуваат до крајот на месецов навиките кај граѓаните сепак да надвладеат и бројката на продадени елки да биде на нивото на минатото, а можеби и повеќе.
– Се надеваме и работиме максимално со тенденција на зголемување на бројот на произведени елки за наредните години. Цената на природните елки во нашите расадници, расадникот „Парк“, во „Флораком“ ДООЕЛ и расадникот во Бутел, изнесува 1.800 денари – информираат од претпријатието.