фото: Пекселс

Десетгодишно дете било каснато од глушец на игралиште во скопската населба Капиштец, додека си играло со други деца, објави телевизија „Сител“.

На детето му била раскрвавена раката. Телевизијата објави и лекарски извештај за каснувањето. Според телевизијата, детето било каснато од глодарот среде игралиште.

Инцидентот се случува во време кога Скопје се соочува со криза со подигањето на ѓубрето, а јавното претпријатие „Комунална хигиена“ е под истрага.

Во отсуство на редовни услуги од „Комунална хигиена“, градоначалниците на дел од скопските општини почнаа да организираат акции за чистење со сопствена и со изнајмена механизација, обидувајќи се барем делумно да ја санираат состојбата.
Проф. д-р Никола Пановски предупреди дека Скопје се соочува со сериозен ризик од масовно размножување на глодари и можни заразни болести поради наталожениот смет.
– Внимание, стаорците нема да чекаат втор круг на избори! Вториот круг, заедно со рокот на жалби, предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9.11.2025 година. За 18 дена стаорците, па и глувците може енормно да се размножат. Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за еден месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња. Значи и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодарки кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат ќе ни влезат дома – предупреди Пановски.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски информираше дека на иницијатива на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски денеска бил одржан состанок со сите скопски градоначалници во рамки на ЗЕЛС, со една единствена цел, да се изнајде решенија за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена”.
Тој упати апел до раководството на „Дрисла” да покажат разбирање и да не вршат опструкции при влезот на механизацијата која ќе биде насочена кон транспортирање на отпадот што се таложи низ скопските улици.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изјави дека во соработка со Институтот за јавно здравје Скопје веќе пет дена се спроведува вонредна есенска дератизација, со која се опфатени 1.980 шахти.
Акцијата има за цел уништување на штетни глодари и превенција од заразни болести, како дел од мерките за заштита на здравјето на жителите. Препаратот што се користи е сертифициран од овластен производител и безбеден за другите животински видови.
Герасимовски нагласи дека во услови на хаос во градот во однос на јавната хигиена, оваа акција е важен чекор за спречување на потенцијални извори на болести.