Паркинг-просторот е една од најболните теми во главниот град. Тоа е така затоа што урбанизацијата што му се случува на Скопје е обратнопропорционална со бројот на возила и на возачи што имаат потреба да ги паркираат своите автомобили. Речиси нема општина или населба каде што овој проблем не е исклучително сериозен и издигнат на врвот на приоритетите на општинските власти. Во неможност локалните самоуправи да дејствуваат со таква динамика како што се развива оваа појава, граѓаните сѐ повеќе самоволно и нелегално узурпираат паркинг-простори за своите возила, комплицирајќи го уште повеќе проблемот на општините со дефицитот од паркинг-простор
Како се справуваат скопските општини со граѓанското самоволно присвојување паркинг-места
Секоја општинска власт го решава овој проблем во рамките на своите можности и капацитети, но се наметнува прашањето дали е тоа само нејзин проблем или е потребна поширока акција. Направивме обиколка по скопските општини за да видиме како се справуваат тие со овој проблем. Денеска ви ја пренесуваме сликата од Центар и од Аеродром, како покарактеристични.
ТРИСТА НЕЛЕГАЛНИ ПАРКИНГ-БЛОКАТОРИ
За разлика од другите општини, каде што граѓаните одат со поевтина варијанта, како поставување столпчиња и камења, за да си оградат и обезбедат паркинг-место, некои од жителите на Центар отишле подалеку и решиле во сопствена режија да си зафатат паркинг за своето возило со помош на паркинг-блокатори.
Факт е дека центарци мака мачат со паркинг-простор до тој степен што е практично невозможно да се најде празен простор за паркирање, а резидентните паркиралишта доста често се узурпираат од возачи што не се жители на Центар, па жителите посегнуваат по секакви методи за да не лутаат со часови барајќи паркинг.
– Јас немам поставено паркинг-блокатор, но пред мојата врата поставувам камења, имам натпис „забрането паркирање“, само за да си го зачувам паркиралиштето пред мојот дом. Невозможно е да се најде паркинг, тука секој мисли дека може да паркира и со часови да си го остави возилото – вели Љубомир Богоев, жител на Центар.
Дека проблемот е до тој степен сериозен сведочат и жителите што живеат во делот кај Буњаковец, кои велат дека се случува дури и по половина час да бараат паркинг-простор.
– Паркиралиштето што е поставено веднаш кај трговскиот центар „Буњаковец“ речиси секогаш е преполно од возила и таму, практично, нема шанси да се најде паркинг. Тука имаме ординации, стоматолошки и ортопедски, има голем број продавници, во кои имаме потреба да одиме, а немаме каде да го оставиме возилото. Прво немаме каде да паркираме, а и кога ќе најдеме паркинг, тоа е со стрес, со најави, на штрек за некој да не ни викне пајак или да добиеме казна. Факт е дека Центар не е само на центарци туку на сите скопјани, бидејќи тоа е центарот на градот. Не може некој да си заградува паркинг ако тоа е простор наменет за секој што би имал потреба да паркира. Тоа не е фер – вели Благоја Вељановски, жител на Аеродром.
ОПШТИНА ЦЕНТАР ВО БИТКА СО УЗУРПАТОРИТЕ
Општинските власти велат дека проблем имаат со нелегално поставени 300 блокатори од страна на физички лица. Токму затоа и почнуваат акција за отстранување на паркинг-блокаторите и ослободување на јавните површини.
– Секторот за инспекциски работи на Општина Центар во наредниот период започнува со засилени контролни активности за ослободување на јавните површини што се под надлежност на општината. Во деновите што следуваат, инспекторите ќе вршат надзори и ќе ги санкционираат сите правни и физички лица што имаат поставено блокатори за паркинзи на улиците, тротоарите или другите јавни површини – велат од Центар.
Оттаму апелираат до сите граѓани и правни лица што без потребна документација имаат поставено блокатори на јавни површини во најкраток рок сами да ги отстранат. Во спротивно, блокаторите ќе бидат отстранети од страна на општинските служби, а на одговорните ќе им бидат изречени глоби и санкции во согласност со Законот за јавна чистота.
АЕРОДРОМ СО НОВИ ПАРКИНГ-ПРОСТОРИ ВО БИТКА ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ
Аеродром е една од најнаселените општини, во која на големо расте бројот на станбени објекти, што ја наметнува како нужна потребата од нови паркиралишта. Исправени пред овој сериозен проблем, општинските власти работат интензивно на решавање на недостигот од паркинг-места.
Во тие рамки, во населбата Стар Аеродром завчера беше пуштен во употреба нов паркинг-простор, на површина од околу 1.500 квадратни метри, со капацитет од 60 паркинг-места.
Проектот е целосно финансиран од буџетот на Општина Аеродром.
– Во рамките на овие инвестиции активно се работи за почеток на изградба на паркинзи на уште две други локации, со вкупен капацитет од над 160 паркинг-места, првиот во близината на „Мајчин дом“, а вториот во населбата Мичурин. Настојуваме во нашата работа да ставиме акцент на најважните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, водејќи сметка за развојот на секое населено место – порача градоначалникот на општината Тимчо Муцунски.
И другите скопски општини наоѓаат најразлични начини да го решат хроничниот недостиг од паркинг-места. Сите тие се помалку или повеќе ефикасни, но неодложно се наметнува потребата од наоѓање едно генерално решение на ниво на град Скопје, за што веројатно ќе треба и асистенција на централната власт. Секое парцијално решение е добро, но во рамките на општината на која е донесено, а проблемот е малку поширок и затоа треба да се решава на пошироко ниво.