Orce Georgievski
Фото: Фејсбук на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски

Советот на Град Скопје без ниту еден глас против го усвои Буџетот за 2026 година, кој, според градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, претставува буџет на одговорност, развој и иднина, со јасна визија за подобар квалитет на живот на скопјани.

-Буџетот за 2026 година е доказ дека кога има ред, визија и работа, ќе има и резултати. Сакам искрено и од срце да се заблагодарам на сите советници кои го поддржаа – напиша на Фејсбук скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Основниот Буџет на Град Скопје, како што вели градоначалникот, изнесува 5.201.600.000 денари, што претставува зголемување од 12,04 отсто во однос на 2025 година.

Според него, ова зголемување е резултат на засилена и одговорна наплата на приходите во период од само месец и половина, со што на крајот на годината се очекува пренесен вишок од над 400 милиони денари.

-Дополнително, обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и наука и одлука на Владата на Македонија за студентски превоз за заостанатите години, обврска за која претходната влада на СДСМ немаше слух.  Капиталните инвестиции во основниот Буџет изнесуваат 1.787.000.000 денари, или 34,4 отсто од вкупниот буџет. За споредба, во 2025 година капиталните инвестиции изнесувале 1.344.160.000 денари, односно 28,9 отсто – напиша Ѓорѓиевски.

Ова, како што вели Ѓорѓиевски, значи повеќе инфраструктурни зафати, повеќе проекти на терен и конкретни, видливи резултати за граѓаните.

Тој посочува дека образованието е еден од највисоките приоритети.

-Преку блок-дотациите од Министерството за образование и наука обезбедуваме средства за нови спортски терени во средните училишта, енергетски ефикасни фасади, нови клупи и столчиња, дополнителна ИТ опрема и подобрени услови за работа и учење. Првпат досега обезбедуваме униформи за сите ученици од прва година, обезбедуваме летен камп за учениците од социјално ранливи категории, како и награди за учениците со исклучителни резултати во спортот и образованието – вели Ѓорѓиевски.

Буџетот за образование, како што потенцира, е зголемен за 7,5 отсто во однос на 2025 година, а дополнително се пренесуваат 68 милиони денари вишок од блок-дотациите за изградба на ново училиште, кое ќе биде предвидено со првиот ребаланс на Буџетот за 2026 година.

Ѓорѓиевски посочува дека сериозно се зајакнува и противпожарната заштита.

-Во 2026 година се обезбедуваат средства за вработување на 30 нови пожарникари, за првпат по повеќегодишна пауза се набавува целосна лична заштитна опрема и униформи, како и три возила за интервенции во тешко проодни средини. Буџетот за противпожарна заштита и спасување изнесува 450,2 милиони денари, што е зголемување од 25,72% во однос на претходната година – истакнува скопскиот градоначалник.

Тој посочува дека и културата добива силна поддршка со буџет од 159.831.000 денари, што е повеќе од двојно зголемување во однос на 2025 година.

-Со овие средства го спасуваме и продолжуваме проектот Европска престолнина на културата – Скопје 2028, како и бројни капитални проекти и реконструкции во културните установи. Паралелно, буџетот за спорт е зголемен на 26 милиони денари, што е 2,5 пати повеќе споредбено со 2025 година – нагласува Ѓорѓиевски.

Во делот на животната средина, како што посочува скопскиот градоначалник, предвидени се 56,5 милиони денари, што е речиси двојно повеќе од претходната година.

-Дополнително, го спасивме и откочивме проектот со Светска банка за поставување фотоволтаици во училиштата во вредност од 46 милиони денари, кој беше заглавен повеќе од три години – истакнува тој.

Меѓу капиталните проекти, како што потенцира Ѓорѓиевски, се издвојува изградбата на Луна Парк, кој ќе биде завршен во текот на 2027 година, како и инвестиции од 90 милиони денари за детски катчиња, игралишта, фитнес справи, урбана опрема, паркови и пешачки патеки.

-Преку развојните програми се инвестира во реконструкција и опремување на културните установи и Зоолошката градина, проширување на капацитетите на ЈП Лајка, заштита и уредување на културното наследство како Скопско Кале, Аквадуктот, Старата чаршија и Скупи, како и изградба на бунари за техничка вода за наводнување – вели Ѓорѓиевски.

Се инвестира, како што додава, и во јавното зеленило со 210 милиони денари, набавка на нови канти и контејнери со 40 милиони денари, како и нови возила за комунална хигиена во износ од 24,2 милиони денари.

–  Патната и сообраќајната инфраструктура е посебен фокус на Буџетот за 2026 година. Предвидени се средства за изградба и реконструкција на булеварите ,,Македонија”, ,,Љубљанска”, ,,Борис Трајковски”, ,,АСНОМ” и ,,Цветан Димов”, за кружниот тек во Ѓорче Петров, за довршување на Момин Поток по решената експропријација, како и за реконструкција на улиците ,,Фрањо Клуз”, ,,Перо Наков”, ,,Димо Хаџи Димов”, 101 во Волково, ,,Бутелска” и ,,Радишанска”, изградба на улицата ,,Македонско-косовска бригада”, мостот и булеварот ,,Февруарски Поход” и уредување на пристапите и паркинзите кај Матка – вели градоначалникот.

Ѓорѓиевски посочува дека се обезбедени 130 милиони денари за експропријација со цел забрзување на реализацијата на булеварските решенија, како и дополнителни средства за тековно одржување, сообраќајна сигнализација, безбедност во сообраќајот и подготовка на нови сообраќајни проекти во соработка со УНДП.

-Буџетот за 2026 година е и буџет на финансиска консолидација. Предвидена е директна поддршка за јавните претпријатија и културните установи со јасна цел за нивно раздолжување и стабилизирање до првата половина на 2027 година. За таа намена се издвојуваат средства за ,,Комунална хигиена”, ,,Паркови и зеленило”, ,,Дрисла”, ,,Лајка” , ,,Улици и патишта”, како и рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП Скопје. Ова почитувани е буџет на одговорност, развој и иднина. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане на нозе и да оди напред – напиша на Фејсбук скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.