Фото: Игор Бансколиев

Надлежните смируваат дека немало поголеми и посериозни загадувања на воздухот од пожарот во фабриката „Треска“ во скопската населба Капиштец. Експертите, сепак, не се согласуваат во целост со тоа. Според нив, прашината што ја создал пожарот во себе може да има азбестни честички, кои дури се и животозагрозувачки. Наедно, експертите предупредуваат дека брзо треба да се изнесе и шутот настанат од пожарот, и тоа од лиценцирана и акредитирана фирма за тоа, бидејќи, во спротивно, ќе се направи уште поголема штета

ПОЖАРОТ, ОСТАТОЦИТЕ ОД НЕГО И ШУТОТ ОД ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“ ГИ АЛАРМИРАА ЕКСПЕРТИТЕ

Пожарот што неодамна ги зафати просториите на поранешната фабрика „Треска“ предизвика голема загриженост кај скопјани и кај експертската јавност. Старите и дотраени објекти што пред повеќе од педесетина години биле изградени со материјали што денес воопшто не се препорачливи, а за кои науката дури и покажува дека се штетни, изгореа и како чад се раширија низ целиот град. Загриженоста е сосема оправдана и очекувана. Азбестот како материјал одамна е напуштен во современиот свет. Но кај нас сѐ уште се употребува, па токму затоа изминатиот период на големо беа реализирани акции за замена на азбестните покриви на објектите во надлежност на локалните и централните власти. Градинките и училиштата во кои престојуваат најмладите имаа азбестни покриви, кои се исклучително штетни по човековото здравје, а особено по здравјето на децата. Токму затоа изминатите години интензивно се работеше на замена на азбестот, за заштита на здравјето на населението.

НЕМАЛО ПОГОЛЕМО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ ОД ПОЖАРОТ

Непријатен мирис, густ црн чад, мирис на изгорена пластика, а некои од жителите сведочеа дека слушнале и експлозија од неодамнешниот пожар што ја зафати фабриката „Треска“. Пожарникарите по двочасовна битка со огнената стихија, успешно го изгаснаа пожарот. Сепак, гаснењето не ги замолчи граѓаните, кои гласно се бунтуваа на социјалните мрежи за сопственото здравје. Исплашени коментираа дека во пожарот гореле штетни хемикалии, азбестни материјали, кои, секако, завршиле во воздухот и биле вдишувани од страна на скопјани.
Како последица на пожарот, во Општина Центар беше одржан состанок на Штабот за заштита и спасување, каде што беа поканети и други надлежни институции, за да се слушнат стручните мислења во поширока дискусија за состојбите во фабриката „Треска“.
Според градоначалникот Горан Герасимовски, увидот од страна на МВР е завршен, но во тек е предистражна постапка на јавното обвинителство, по што општината ќе ги знае конечните чекори за постапување.
– Во овој момент Општина Центар ги чека записниците од МВР и од противпожарната служба, како и насоките од Министерството за животна средина, за да знаеме како да постапиме во однос на планираното отстранување на објектите што се наоѓаат таму – изјави Герасимовски.
Според него, пожарот во „Треска“ не предизвикал сериозна загаденост на воздухот. Тоа го потврдуваат информациите од околните мерни станици, кои во периодот од 13 април, ден пред настанувањето на пожарот, до денес, не покажуваат надминување на параметрите за загаденост на воздухот. Затоа тој потенцира дека не треба да се поистоветува со состојбата кај „Охис“, која е хемиска индустрија.
– „Треска“ е фабрика за дрвна индустрија и тука, пред сѐ, станува збор за материјали од дрво, железо, бои и лакови и други материјали од тој тип. Само покривните табли се од компанијата „Салонит“ (попознати како салонитки) и во нивниот состав се наоѓа опасниот елемент азбест. Како што кажав претходно, состојбата во фабриката е навистина страшна, локацијата е можно жариште на нови пожари, но и еколошка катастрофа и депонија среде Центар. Таму, во согласност со законските прописи, самите сопственици на објектите треба да си го исчистат отпадот, по налог на општината и другите надлежни институции – изјави Герасимовски.
Општинските власти информираат дека во согласност со Законот за управување со отпад на приватен имот и во координација со надлежните институции, ќе им наложат на сопствениците во одреден рок да го отстранат отпадот.
– Доколку во одредениот рок објектите не се отстранат, Општина Центар ќе испрати допис до ЈП „Комунална хигиена“ за да ја преземе обврската за отстранување на разурнатите бараки од фабриката, при што сметката за тоа ќе биде на товар на сопствениците – информираа надлежните.

ПОСТОИ МЕСТО ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ

И покрај тоа што надлежните смируваат дека немало поголеми и посериозни загадувања на воздухот од пожарот во фабриката, експертите, сепак, не мислат така. Според нив, прашината што ја создал пожарот во себе може да има азбестни честички што се животозагрозувачки.
– Јас не присуствував на самото место на настанот, но гледав снимки од него, и тоа за време на пожарот и по него. Се работи за многу стари објекти што биле покриени со азбестен покрив (не сум правел анализа на него, но по тоа што го гледам личи на таков), кој очигледно се распаднал за време на пожарот и создал голема прашина што била носена со чадот и ветерот по околината. Ако покривите имале присуство на азбест (за што потврдуваат и надлежните органи), тогаш разнесените честички од азбестна прашина, секако, придонеле да бидат опасност по животот и здравјето на граѓаните – смета проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.
Според професорот, азбестот предизвикува разни болести на белите дробови (азбестоза, рак), и тоа најчесто во рок од пет до четириесет години по вдишувањето.
– Треба да се напомене дека не секое вдишување азбестни честички предизвикува и болест, бидејќи тој најчесто преку искашлување се исфрла од организмот. Но некогаш ваквите азбестни честички може да се закачат за алвеолите во белите дробови и тогаш претставуваат директна опасност по здравјето и животот на човекот. Исто така, сакам да кажам дека на отворен простор опасноста по здравјето на луѓето од вдишување азбестни честички е помала отколку ако тоа континуирано се прави во затворена работна или животна просторија – потенцира тој.
Стефов вели дека е потребна брза и итна реакција од надлежните за изнесување на отпадот од фабриката.
– Деновиве слушнав во јавноста дека треба брзо да се изнесе настанатиот шут за да не го разнесе ветерот. Сакам да истакнам дека не само што треба брзо да се изнесе шутот туку пред сѐ тоа треба да се направи стручно, и тоа од лиценцирана и акредитирана фирма за тоа, фирма што е лиценцирана за отстранување азбестни материјали, бидејќи во спротивност ќе се направи уште поголема штета. Изнесувањето материјал во кој има азбест (таков се смета секој што во себе содржи повеќе од 1 процент азбест) се прави под строго определени правила и процедури и направена претходна заштита на средината и луѓето што ќе работат на изнесување на тој материјал – нагласи тој.

АЗБЕСТОТ „ЈА УБИВА ЕКОЛОГИЈАТА“ ВО ЗЕМЈАТА

Според професорот Стефов, најголем еколошки проблем во земјава е присуството на азбестот како градежен материјал.
– Одговорно тврдам дека еден од најголемите еколошки проблеми, можеби најголем, во државата е присуството на азбест во градежен материјал и оној што се наоѓа во разни други материјали во животната и работната средина во разни установи, згради и куќи. Другите еколошки проблеми се најчесто локални, а присуството на азбест е општо, имено го има насекаде околу нас во кое било населено место. Јас и професорот Блажо Боев од Универзитетот во Штип за потребите на Град Скопје во 2008 година имаме направено обемна студија/анализи за присуство на азбест во 21 јавна установа (градинки, училишта, факултети и други јавни објекти) од подрачјето на градот Скопје. Од направените анализи, само во два објекта не е најдено присуство на азбест, а од земените 50 проби (покриви, тавани, sидови и подови), во 33 најдовме азбест. Овие резултати се повеќе од вознемирувачки. Дадовме краткорочни, среднорочни и долгорочни препораки за отстранување на азбестот од животната и работната средина на подрачјето на градот Скопје, но, за жал, оттогаш никој повеќе нѐ нема контактирано за што било во врска со оваа проблематика. Секако, проблемот не исчезна туку се зголеми, а изгубено е драгоцено време од 14 години – нагласи тој.