Град Скопје почна постапка на (проверка) ветинг за поставените директори на јавни претпријатија, нагласи скопската градоначалничка Данела Арсовска.
– Ќе има нулта толеранција за корупцијата. Ова е системска мерка за елиминирање на можностите за корупција во рамките на Градот и спречување на каков било судир на интереси. Денеска, овој процес почна со директорите на јавните претпријатија, а ќе продолжи со раководителите на секторите – посочи градоначалничката.
Секој од директорите веќе пополнил анкетен лист до државната Комисија за спречување на корупцијата и потпишал изјавата за непостоење судир на интереси во нивната работа.
Според Арсовска, овој процес ќе биде пракса за секое лице што аплицира за позиција или унапредување.
– Град Скопје на овој начин почна активно да работи на подобрување на интегритетот на локалната самоуправа. Ова е строг процес на проверка за да се утврди соодветноста за вработување или унапредување на работната позиција – додава градоначалничката, на која спроведувањето на процесот на ветинг ѝ беше едно од предизборните ветувања.