Изминатите 82 дена беа доволен период да се покаже и докаже дека со искрен пристап и напорна работа администрацијата во служба на граѓаните ќе овозможи враќање на довербата со спроведување проекти за поубав град, рече на денешната прес-конференција скопската градоначалничка, Данела Арсовска.
Таа во говорот се посвети и на нападите што во изминатиот период доаѓаат кон неа од луѓе што, како што рече, потрошиле милиони од средствата на скопјани за свои лични хирови и за прослави во кафеани.
Во денешниот отчет за работата во првите 82 дена таа го истакна формирањето на Градскиот екосовет – зелен совет, отворањето на канцеларијата што нуди помош и брза реакција за решавање на проблемите на граѓаните, чистењето на депониите, воведувањето ноќни автобуски линии, намалувањето на цената на градскиот паркинг…
-Исчистени се над 150 диви депонии во градот, од кои над 120 мапирани за време на изборната кампања. Чистењето на дивите депонии ќе остане пракса и во наредните години сѐ со цел чиста околина и чист воздух – нагласи Арсовска, која на ова го надоврза и формирањето на Градскиот екосовет.
Градскиот екосовет го сочинуваат 25 експерти, професори и претставници на граѓански организации од областа на урбаното планирање, урбанизмот, архитектурата, сообраќајот, енергетиката и заштитата на животната средина.
-Тој има цел креирање политики од областа на екологијата, сообраќајот, урбаното планирање на градот, да предлага стратегии и да дава совети за иднината на развојот на Скопје – рече градоначалничката.
Таа нагласи дека едно од нејзините главни цели во предизборната кампања било дека Град Скопје ќе биде отворен град, достапен за граѓаните.
-Отворена е канцеларија за комуникација со граѓаните, која работи 24 часа на прием на барањата на граѓаните и решавање на предизвиците со кои се соочуваат. Град Скопје стави во функција и електронска адреса за комуникација со граѓаните [email protected] како чекор кон транспарентно управување со цел 24 часа постапување во служба на граѓаните. Отворена е посебна телефонска линија во служба на граѓаните, преку која остваруваат редовна и брза комуникација со Градот преку бројот 02 3207 536. Воедно, редовно се одговара на поднесените писмени и телефонски барања од граѓаните со кои се обраќаат до Град Скопје за каков било проблем или предизвик – посочи градоначалничката.