Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонското археолошко друштво пред Собранието искажа револт од предлогот за законски измени за заштита на културното наследство. „Археолошките локалитети не се пречки на патот“, „Имате ли совест?“ „Вандали од 21-от век“ и „Културното наследство е глобална вредност“, гласеа дел од пораките истакнати на протестот.

– Денешниот јавен собир е апел до пратениците во Собранието, до Владата и до целокупната јавност, да ја разбудат својата свест и совест и да спречат усвојување на измени во Законот за заштита на културното наследство со кои бескрупулозно и свесно се уништува културно наследство со катастрофални последици, во име на „поголем јавен интерес‟, зад кој всушност се крие профитерска зделка од огромни размери – изјавија од Македонското археолошко друштво.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тие тврдат дека со пратеничкиот предлог, всушност се озаконува неповратно уништување на културното наследство.

– Со дрскиот и нетранспарентен предлог за дополнување на членот 65 од Законот за заштита на културното наследство, од страна на група пратеници во Собранието по скратена постапка, се озаконува неповратно уништување на културно наследство под закрила на државата. Господа пратеници, не смеете да дозволите заобиколување на постоечките правни норми, и институционалниот систем кој државата ги изградила да го штити културното наследство, кое е од исто толку голем јавен интерес како и инфраструктурните проекти, и уставно загарантирана темелна вредност, која се заштитува во секакви околности и на целата територија – се вели во соопштението од Македонското археолошко друштво.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кристина Бицева од ИКОМОС Македонија за време на денешниот собир изјави дека со ваквата предложена измена и дополнување на овој член од Законот за заштита на културното наследство, се овозможува исклучување и дерогирање на компетентните стручни и надлежни инстанци за заштита на културното наследство, односно на институциите од системот за заштита кои се специјализиран, квалификувани и одговорни да преземат мерки за зашптита на културното наследство.

– Во нивна „замена“, како досега нечуен преседан, се предвидува овие надлежности да му бидат доверени на надзорен инженер, кој ја нема потребната стручност ни знаење да идентификува дали се работи за случајни откритија кои претставуваат археолошки наоди ниту да постапува на стручен начин со истите, ниту да примени соодветни стандарди за нивна заштита – додаде Бицева.

Исто така, како што рече, овој предлог закон е спротивен на сите меѓународни конвенции за заштита на културното наследство, вклучително и на Ревидираната Европска конвенција за археолошкото наследство на Советот на Европа од Ла Велета, ратификувана од нашата земја во 2005 година. Како што посочи, доколку и спротивно на научните принципи и нивните укажувања, овој предлог-закон биде ставен на собраниска расправа, бараат од пратениците во Собранието истиот да не го прифатат, апелирајќи на нивната индивидуална свест и совест.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Археолозите ги повикаа претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, институциите од областа на заштитата, МАНУ и универзитетите, претставништвата на меѓународните организации за културно наследство во Македонија, како и граѓанските здруженија и дипломатските претставништва, да се приклучат кон апелот за повлекување на спорните законски измени пред да биде доцна.

Фото: Маја Јаневска-Илиева