Цветиновиот комитет за мир ги повика сите државници, амбасадори, министри и носители на јавни функции да ја поддржат декларацијата и да остават аманет за идните генерации, преку сопствен пример, да се уништат постојните и да се престане со развивање нови нуклеарни програми за воени цели
Декларација за мир: 79 години од атомските бомби во Хирошима и Нагасаки
По повод одбележувањето на 79-годишнината од употребата на нуклеарното оружје во Хирошима и Нагасаки, македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски-Цветин и членовите на Цветиновиот комитет за мир подготвија и потпишаа Декларација за мир, против сите војни и против нуклеарното оружје. Токму затоа, на улицата Македонија, пред спомен-куќата на Мајка Тереза беше прочитана декларацијата и беше отворена за потпишување од страна на македонските граѓани. Декларацијата ќе биде отворена секој ден во периодот помеѓу 9 и 16 часот до 9 август.
Во спомен на жртвите од атомската бомба, поетот Горан Анчевски прочита поезија посветена на пилотот капетан Стево Стефановски, кој не сакал да лета над Нагасаки. Исто така, Лидија Лучко Јеремиќ ја прочита својата песна „Дали епопеја за болката“ на македонски јазик. Песната беше прочитана и на англиски, српски, турски, албански, влашки и грчки јазик. Живко Поповски-Цветин, пак, ѝ ја додели Цветиновата награда за мир на авторката Лидија Лучко Јеремиќ.
Во декларацијата потпишана и прочитана од членовите на Цветиновиот комитет за мир беше побарано од завојуваните држави да прекинат со војните и да постигнат мир преку преговори, државите да не употребуваат нуклеарно оружје, да ги уништат сите боеви нуклеарни глави, да не ги повторат теророт, страдањата и траумите од војните и употребата на нуклеарното оружје, да не финансираат развој на нуклеарна програма за воени цели, а научниците да не учествуваат во програмите со разорна моќ.
Цветиновиот комитет за мир ги повика сите државници, амбасадори, министри и носители на јавни функции да ја поддржат декларацијата и да остават аманет за идните генерации, преку сопствен пример, да се уништат постојните и да се престане со развивање нови нуклеарни програми за воени цели.
– Ги повикуваме сите влади, сите мирољупци, мировни работници и млади генерации да бидат поактивни, погласни и поефикасни во декларирањето нови мировни програми и проекти, во реализација на нови мировни студии, нови мировни иницијативи, нови мировни идеи што ќе донесат развој, среќа, мир, просперитет за сегашните и идните генерации – се наведува во Декларацијата за мир.
Поминаа 79 години откако во Втората светска војна Соединетите Американски Држави фрлија атомски бомби врз јапонските градови Хирошима (на 6 август) и Нагасаки (на 9 август). Ураниумска бомба со јачина еквивалентна на 13 илјади тони ТНТ (тринитротолуен), создавајќи температура од 3.000 Целзиусови степени во центарот, уништи 70 отсто од Хирошима. Атомската бомба со земја го срамни подрачјето широко 1,5 километар. Во првата фаза починаа 80.000 луѓе, а до крајот на 1945 година бројот на лицата што го загубија својот живот се искачи на 140.000. Голем број повредени во бомбардирањето починале без да добијат лекарска помош. Исто така од радиоактивниот дожд животот го загубиле и лица што отишле во градот да помогнат. Во Нагасаки, атомската бомба беше фрлена од 500 метри висина. Моќта на бомбата била еквивалентна на 22 илјади тони ТНТ. Во првата фаза загинаа околу 70.000 луѓе, а половина од градот Нагасаки беше уништен. Д.Ст.
Уште се истражуваат последиците од атомското бомбардирање во Хирошима и Нагасаки
Од 90 до 140 илјади луѓе во Хирошима (до 39 отсто од населението) и од 60 до 80 илјади во Нагасаки (до 32 отсто од населението) починале во 1945 година, иако бројот на луѓе што починале веднаш како резултат на изложеноста на експлозијата, топлината или како резултат на зрачење е непознат. Во студија за животниот век од 1987 година, спроведена од Фондацијата за истражување на ефектите од зрачење, бил забележан статистички вишок од 507 карциноми, со недефинирана смртност, кај 79.972 луѓе погодени од влијанието на атомска бомба што сѐ уште живееле меѓу 1958 и 1987 година и кои учествувале во студијата. Бидејќи студијата за епидемиологија продолжува со текот на времето, се проценува дека од 1950 до 2000 година 46 отсто од смртните случаи од леукемија најверојатно биле резултат на зрачење од бомбите или некои други постнападни градски ефекти, со статистички вишок од 200 смртни случаи од леукемија и 1.700 цврсти карциноми на непријавена смртност. И двата статистички податоци се добиени од набљудување на приближно половина од вкупниот број на преживеани, строго оние што учествувале во студијата.