Во скопската населба Драчево ќе се гради нова детска градинка. Објектот ќе се простира на површина од 600 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и еден кат. На приземјето ќе се наоѓа главниот влез на градинката, како и четири занимални. На првиот кат се планира да бидат сместени јаслите, како и придружните простории.
Градинката ќе згрижува вкупно 125 деца, од кои 95 на возраст од две до шест години и 30 деца до двегодишна возраст. Објектот ќе ги задоволи сите параметри за енергетска ефикасност, а во функција ќе има и млечна кујна, санитарни простории, како и соодветен паркинг-простор. Општината Кисела Вода кон крајот на минатата година го изработи основниот проект за изградба на новата градинка, по што аплицираше и доби грант од Министерството за труд и социјална политика за зголемување на капацитетите на јавните детски градинки на нејзината територија.
Министерството веќе објави оглас за избор на градежна компанија што ќе го гради објектот.
Како што информираат од Кисела Вода, сегашниот капацитет на објектите за згрижување на најмладата популација во Драчево не ги задоволува барањата и потребите на граѓаните. Целокупниот проект за изградба на новата градинка е финансиран преку кредит од Светската банка за спроведување на Проектот за подобрување на социјалните услуги.