Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политиколог по професија, 33-годишниот Саша Богдановиќ, е еден од најмладите политичари во земјава, кој на последните локални избори ја доби довербата од центарци. Без влакна на јазикот говори дека во минатото прекуноќ се менувале ДУП-ови, а со тоа се уништувала животната средина за сегашните и за идните генерации. Во разговорот за „Нова Македонија“ најавува крај на сообраќајниот хаос во Центар, а младоста ја согледува како сериозна предност за работа, од која граѓаните што го избрале, по завршувањето на неговиот мандат и проекти, ќе ги увидат промените во секој аспект во функционирањето на општината.

На претходната функција бевте директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, познавајќи ги проблемите на сообраќајна култура во главниот град, имате ли сега некои новитети што планирате да ги воведете за подобро регулирање на овој дел од јавниот живот на општината Центар, која е срцето на Скопје?
– Во моментот општинските власти работат на сообраќајни студии и сообраќајни проекти што се однесуваат за регулирање на сообраќајот. Проблем со кој главното централно подрачје изминативе години се соочуваше бидејќи немавме никаква соработка со претходното градско раководство. Во таа насока службите на општината периодов активно се вклучени во изработка на акциски план за решавање на овој проблем и доколку се оди по редоследот и притоа бидат испочитувани сите рокови од страна на институциите, се надевам дека уште летово ќе може да ги примениме соодветните решенија. Со тоа ќе им ја вратиме безбедноста на пешаците и прецизно ќе го организираме динамичниот, но и стационарниот сообраќај во општината. Тоа значи дека на сите сервисни станбени улици каде што има простор ќе организираме паралелно паркирање, со тоа што ќе ги тргнеме возилата од тротоарите, нешто за што се залагав и во изборната кампања и почнав да го спроведувам на терен, особено таму каде што имаме постојано прекршување на сообраќајните правила. Понатаму, ќе се постават заштитни столпчиња на сите улици за да се поврзат во целосна пешачка мрежа, која сега, за жал, не функционира во целост. Во тој контекст, исто така наскоро ќе биде поставен и монтажен паркинг помеѓу општината и Министерството за одбрана, со влез и со излез од улицата Орце Николов. Паркингот ќе обезбеди место за 270 до 290 возила. Ваквото решение е првиот чекор кон пренасочување на паркирањето и ослободување на тротоарите, проблем со кој се соочуваат центарци, но и другите жители на Скопје. Паралелно на ова, општината Центар активно ќе продолжи да работи на воведување „зона 30“, но не само декларативно и со сообраќајни знаци туку и со поставување лежечки полицајци, кружни текови и други механички средства со кои дополнително ќе се забави сообраќајот, а во исто време ќе се зголеми безбедноста за пешаците, како што впрочем заслужуваат сите жители на Скопје, а особено на општината Центар.

Кои се вашите планови за во иднина, за спроведувањето нови (долгорочни и краткорочни) проекти во делот на дејствувањето на општината поврзани со екологијата, заштитата на животната средина, зголемувањето на зелените површини?
– Грижата за животната средина, јавно осветлување, енергетските фасади, како и почистиот воздух беа и се дел од приоритетните проекти на општината Центар. Со оглед на тоа што општината Центар не располага со многу зелени површини, идеја ми е на рамните површини кај зградите да се направи зазеленување. Тоа значи дека планирам речиси сите објекти што се со рамен покрив да ги зазеленам со поставување урбана опрема и зеленило. Ваков план и најава за реализација имаме предвид да направиме заедно со градоначалникот Петре Шилегов за покривот на ГТЦ, со што овој симболичен објект за општината и за градот ќе прерасне во модерен парк. Дополнително на ова поле ќе се продолжи со практиката за зазеленување на сите слободни површини што може да бидат маалски паркови, а наедно ќе се постават и автоматски системи за наводнување. Како конкретна мерка во поглед на зазеленувањето на слободните површини ќе се изврши и целосно реновирање на Урбан парк. Досега рекордни суми се одвоени за реконструкција и за одржување на зеленилото. Планирана е изградба на нови паркови, ќе се засадуваат оформени дрвја и ќе се обезбедат 5.000 дрвја, кои ќе бидат засадени на повеќе локации. Греењето е најголем загадувач и затоа општината Центар заедно со БЕГ почна со подготовки на инфраструктурни проекти со намера во населбата Маџир Маало да се постави топлификациска мрежа за да се замени постојниот систем за греење на дрва и на други горива. Веќе се почнати разговори за почнување гасификација на општината. Предвидени се субвенции за соларни панели, енергетски фасади, реконструкција на покриви, за лифтови и др. Општината Центар во изминатите четири години исплаќа субвенции за велосипеди и планира оваа практика да продолжи и во иднина. Во таа насока и оваа година ќе продолжи трендот за стимулирање на граѓаните да купуваат и да користат велосипеди.

Како би го решиле проблемот со изградба на општинска зграда за Центар, долго време раководните органи се сместени во застарени бараки?
– Кога ќе завршиме со ревизија на ДУП-овите ќе го имам конкретниот датум кога општината ќе го реши овој проблем со дотраените бараки и условите што ги имаат вработените во нив. Паралелно на ова, кога говорам за новата општинска зграда, тука мислам и за новата сала што треба да ја добие кошаркарскиот клуб Работнички како и новата градинка што треба да се гради во Маџир Маало. Деталите околу овие прашања граѓаните ќе ги дознаат најдоцна наесен или при крајот на летото. Дотогаш треба да заврши мораториумот и потоа ќе бидат соопштени сите детали и рокови за изградба на овие капитални инвестиции за општината.

Како поддржувач на спортот и голем помагач на кошаркарскиот клуб Работнички, сметате ли дека идните генерации млади луѓе ќе имаат можност за спортска иднина во Македонија? Какви се вашите прогнози за развој на КК Работнички и се надевате ли дека еден ден ќе стане европски шампиони со ова темпо со кое денеска напредува?
– Тоа, сепак, се многу преголеми амбиции за новиот кошаркарски шампион на земјава, барем не за три до четири години од сега. Иако тоа потајно го посакувам, пред сѐ, најпрво треба да се фокусираме во развивање на младинските школи бидејќи тоа не е проблем само на Работнички туку генерално и на целата македонската кошарка, а тоа е дека веќе долго време во земјава многу малку се произведуваат македонски кошаркари. Ние го задржавме тој тренд што изминативе години го градевме, а тоа беше да вложуваме во младинските категории и идните генерации. Денеска можеме и да се пофалиме од резултатите со неколку играчи, кои можат да настапуваат и во младинската категорија, но и во репрезентацијата на Македонија. Оттука, сметам дека вложувањето во спортот останува приоритет на општината.

Во домашната јавност имате изградено имиџ на хуманитарец и на активист што се залага за правата на сите граѓани, што е она што следно може да се очекува од вас на оваа тема?
– Социјалната политика треба да биде приоритет на секоја локална самоуправа бидејќи на сите луѓе им е потреба помош. Општината Центар на ова поле е активна преку проект со „Банката на храна“, а тој е на месечно ниво да се обезбедат пакети со храна за околу 200 социјални семејства што се на работ на егзистенција. Со тоа на овие социјално загрозени семејства ќе им се загарантира она човечкото уставно право на барем еден оброк во текот на денот. Со ваквите мерки општината заедно со стопанството, НВО-секторот и другите хуманитарни организации ќе придонесе да се ублажи сиромаштијата што претставува еден од најзначајните развојни проблеми во земјава.

Иако сте млад човек, за разлика од вашите колеги на политичката сцена, вие сепак важите за искусен политичар, кој досега веќе неколку години беше активен во политиката и во локалната власт, па, оттука, по што верувате дека ќе ве паметат центарци по завршувањето на мандатот?
– Почетокот на зрелите години ги согледувам како сериозна предност. Тоа ми дава сила и енергија, но и повеќе време да можам да им се посветам на проблемите што се многу и да одговорам на нив. Убеден сум дека граѓаните по четири години ќе видат и ќе почувствуваат сериозни промени во секој аспект во функционирањето на општината. По истекот на мандатот, општината ја гледам со достоен и квалитетен воздух, со модерни репрезентативни училишта и училишни дворови како она во Капиштец, организирани во зони за здрав живот и рекреација, како општина со целосно решен проблем за паркирање. Општината Центар ќе биде без урбана мафија и побезбедна за сите граѓани.


Времето на менување на ДУП-ови прекуноќ и урбано дивеење заврши

Со оглед на тоа што најавувавте дека ќе ѝ застанете на патот на градежната мафија, какви се вашите намери на ова поле. Дали планирате измена или ревизија на одредени детални урбанистички планови?
– Мислам дека времето на менување на ДУП-ови прекуноќ и урбано дивеење низ Центар заврши. Тие што ги прекршувале сите основни правила и закони за градба ќе бидат санкционирани, а со моето стапување на функцијата градоначалник се свесни дека тој начин на функционирање е зад нас. Што се однесува до деталните урбанистички планови, општината Центар во изминатиот период донесе една храбра одлука со која 31 ДУП беа ставени под т.н. мораториум односно целосна ревизија. Во превод, општинските служби во изминатиот период ја проверуваа сета документација за нив и во соработка со надлежните институции онаму каде што ќе констатираме недоследности ќе се преземаат соодветни мерки за прекршителите. Под ревизија е речиси цел Центар. Прикрај сме со ДУП-овите на Ново Маало, Пролет, Крњево, Маџир Маало, Клинички центар и Капиштец. Водно и Дебар Маало ни остануваат за крај бидејќи таму, впрочем, според сознанијата, имаме најмногу поплаки од жителите. По завршувањето на ревизијата сите планови ќе бидат дадени во понатамошна фаза за градба сѐ до носење планови според неопходните стандарди. Потоа заедно со граѓаните на Центар ќе се изготвуваат урбанистичките решенија, бидејќи тие треба да се од нивен интерес, а не во интерес на некои моќници. Мораториумот е алатката со која навистина ќе се воведе ред во градењето на територијата на општината Центар. Сепак, тука сакам да истакнам дека тоа не значи дека нема да има градба, туку ќе има законско градење со тоа што ќе се испочитува правилото за зеленило, потребно осветлување, нова инфраструктура, соодветен број контејнери за новите градби и сл. Со една реченица, ќе се обидам да им го вратам животот на граѓаните во општината Центар, кој беше нарушен од урбаната мафија во последниот период и во овој дел сакам максимално да придонесам за центарци.

Фото: Маја Јаневска-Илиева