Граѓаните не сакаат повеќе да бидат заглавени во сообраќаен метеж - Фото: Игор Бансколиев

ОСВЕН ВОЗИЛАТА, ЗАГЛАВИЈА И ИНФОРМАЦИИТЕ ОД СЕРВИСЕН КАРАКТЕР

Граѓаните апелираат за поголема достапност на информациите, барем ден однапред, за тоа каде ќе има некаков протест, поради што ќе бидат затворени одредени сообраќајници. Градот и МВР мора да најдат модел со кој сите засегнати страни ќе бидат во допир со информациите од сервисен карактер

Сѐ помногубројни се обра­ќа­њата на граѓаните, кои ап­е­лираат за решение во центарот на градот во деновите кога има протести. Така беше и вчераутро. Оваа појава стана пречеста, а граѓаните сѐ потешко ги толерираат метежот и лошото организирање на сообраќајниот проток.
Освен што вчера беше затворен за сообраќај дел од улиците 11 Октомври и Димитрие Чуповски, поради сообраќајна незгода спроти зградата на Црвениот крст на Македонија, сообраќајот заглави и по дел од булеварот Кочо Рацин.

Она што најмногу ги иритира граѓаните е тоа што никогаш не се информирани барем ден однапред каде ќе има некаков протест, поради што ќе бидат затворени одредени сообраќајници. Во вакви денови не се почитуваат ниту сообраќајните правила, а некои се убедени дека штом се исклучени семафорите сообраќајните полицајци создаваат уште поголем метеж. Токму поради тоа што се неинформирани заглавуваат во метежот, било да се со свое возило или да се во некој од автобусите на јавниот градски превоз.
– Секој ден се возам со автобусот 41 а, кој оди од населбата Драчево до Клиничкиот центар. Но вчера кога стигна на семафорите на вкрстувањето на булеварот Коцо Рацин со улицата 11 Октомври, наместо лево, возачот продолжи право по 11 Октомври, а потоа покрај Градската болница продолжи во правец на МНТ, па лево продолжи по Гоце Делчев и покрај објектот на Владата, продолжи по булеварот Климент Охридски за да се вклучи на булеварот Мајка Тереза. Откако се извозев цел час и половина, морав и да пешачам до работа – вели жител од населбата Драчево.

Поради ваквата неорганизираност, граѓаните доцнат, а некои и не можат да го оправдуваат секогаш своето доцнење со метежот. Токму поради тоа и бараат градот и МВР малку повеќе да соработуваат на овој план за непречено одвивање на сообраќајот и навремено известување на граѓаните.
– Вчера протестираа поранешни вработени од ОХИС, а протестот беше најавен во МВР. Протестите може да бидат најавени или ненајавени, а ние информираме само во случај кога има поголем застој во сообраќајот – кратко ни рекоа од МВР, не можејќи да ни одговорат на нашето прашање дали имаат соработка со Град Скопје во врска со најавените протести, за градските власти потоа да ги информираат граѓаните.

Од градот, пак, имаат објаснување дека тие преку Центарот за управување и контрола на сообраќајот во текот на денот испраќаат по неколку соопштенија и известувања за состојбата со сообраќајот во Скопје и за локациите каде што има застои.
– Овие соопштенија се праќаат и до ЈСП, АМСМ, МВР, Центарот за управување со кризи и други институции, кои дополнително ја известуваат јавноста за евентуалните препреки во сообраќајот. Паралелно со ова, секогаш кога има затворање на сообраќајниците, јавноста е известена за сите промени во трасите на автобусите на јавниот превоз, за што известувања до јавноста се објавуваат од страницата на ЈСП. Покрај протестите, причина за застој во сообраќајот се сообраќајните незгоди, каде што по самата незгода е потребен одреден временски период за службите од МВР да излезат на терен и да извршат увид и записници. Конкретно за протестите и за друг вид јавни собири, ние не сме надлежни да ја известуваме јавноста, бидејќи во согласност со законските прописи, истите тие не се пријавуваат до Град Скопје како институција. Во согласност со Законот за јавни собири организаторите на јавниот собир немаат обврска, но можат да го сторат тоа во МВР – велат од градот.

Вчера сообраќајните колони беа недогледни, а автобусите на јавното сообраќајно претпријатие, кои сообраќаат низ улиците од централното градско подрачје, сообраќаа по изменети траси, откако триесетина протестанти со полициска придружба и знамиња в раце преминуваа улица од делот кај градската болница „Св. Наум Охридски“, покрај паркот „Жена борец“ пред зградата на Собранието. За тоа време сообраќајот беше запрен, а потоа колоната возила, тргни-застани, продолжи во правец на Зелениот пазар по улицата 11 Октомври, па по булеварот Кирил и Методиј по заобиколен пат да стигне до зградата на НИП.

Граѓаните вчера беа нервозни, а метежот, секако, влијае и на возачите. Патници тврдат дека некои од возачите на ЈСП поради метежот сами одбирале траса и притоа не го користеле разгласот да ги информираат патниците, иако намерата им била да ги избегнат колоните. Некои, пак, се убедени дека ги користат ваквите ситуации за граѓаните да платат повеќе автобуси. Други, пак, додаваат дека вчера биле дезориентирани и не знаеле како да стигнат таму кај што намериле, бидејќи не знаеле каде вртат автобусите.