Дел од новините на ЈСП е набавка на 400 валидатори, читачи на картичките „скопска“, кои ќе се постават на задните врати на автобусите, потоа електронски билет за едно возење и нова апликација за паметни телефони. Исто така, планираат да набават и нова опрема за идните 35 нови автобуси што допрва треба да пристигнат
Иако одамна се најавуваше дека секој од својот компјутер или мобилен телефон директно од својата банкарска сметка ќе може да ја дополни својата електронска автобуска картичка „скопска“, граѓаните сѐ уште трчаат по билетарници и маалски продавнички. Оние, пак, што доаѓаат од внатрешноста никако не се снаоѓаат со градскиот превоз, а проблеми имаат и странските туристи бидејќи во ниту еден автобус не се наплатува со пари. Од ЈСП „Скопје“ одамна најавуваа онлајн-дополнување на електронските картички, а неодамна соопштија дека веќе распишале тендер. Сега велат дека рокот на тендерот бил продолжен затоа што бил пообемен, бидејќи планирале да воведат и други новини. Дел од тие новини е набавка на 400 валидатори, читачи на картичките „скопска“, кои ќе се постават на задните врати на автобусите, потоа електронски билет за едно возење и нова апликација за паметни телефони. Исто така, планираат да набават и нова опрема за идните 35 нови автобуси што допрва треба да пристигнат. Со најновата андроид-апликација граѓаните ќе добијат можност да ја проверат преостанатата сума на картичката „скопска“ преку својот телефон, да ја прегледаат шемата на автобуските маршрути, да го планираат своето патување со мапа на линиите и да имаат историјат на своите патувања.
Тендерот на кој се бара најповолен понудувач е вреден околу 2,4 милиони евра.
Инаку, картичката „скопска“ задолжително ја имаат сите што користат јавен градски превоз, во кој електронскиот систем за наплата на билети е задолжителен од 1 јануари 2017 година. По само краток период од нејзиното воведување и реакциите на граѓаните дека постојано трчаат по билетарници, се најави онлајн-дополнувањето, кое сѐ уште нема практична примена.
– Навистина станува проблематично дополнувањето на овие електронски картички. Понекогаш на работа сум и во недела, а картичката ја дополнував во маалската продавница на автобуската станица и заморно ми е да гледам и пресметувам уште колку возења или средства имам на картичката. Тоа не го правам одамна. Минатата недела газдите на продавницата одлучиле да работат само до 11 часот и немав каде да ја дополнам празната картичка, затоа што не работеше ниту билетарницата што се наоѓа две станици погоре. За несреќа, ми се исклучи и телефонот, со кој можев да платам. Сѐ е кај нас комплицирано – се пожали повозрасна скопјанка.
Од ЈСП „Скопје“ велат дека онлајн-дополнувањето на електронските картички ќе се случи годинава, но не прецизираат. Велат дека компанијата што ќе биде избрана на тендерот ќе треба да им испорача 300.000 хартиени електронски билети за едно возење. Тоа се долго очекуваните билети за сите оние што не користат редовно градски превоз, луѓето од внатрешноста, туристите и сите оние што многу ретко се одрекуваат од своите автомобили за сметка на користењето градски превоз. Онлајн-дополнувањето на „скопска“ и билетот за едно возење беа едни од најбараните услуги на граѓаните, за кои на ЈСП му беа потребни повеќе години за да ја воведе.
Во надградбата на постојните системи за електронска наплата на билети и за контрола и управување на автобусите ќе бидат вклучени и приватните превозници во Скопје. Од ЈСП сметаат дека новините што ќе ги донесат ќе им го олесни патувањето на граѓаните, а секако и ќе ги стимулира повеќе да го користат јавниот градски превоз.