Фото: Игор Бансколиев

Во рамките на новите заложби на Град Скопје за зголемена контрола и инспекциски надзори за заштита на животната околина и здравјето на граѓаните, во процесот на засилени контроли и превенција од фрлање отпад во Вардариште, на фатените сторители им беше издаден прекршочен паричен налог во висина од 88 илјади евра

Исклучително драконски репресивни мерки во справувањето со креаторите на дивите депонии

Справувањето со диво направените депонии од страна на граѓаните досега ретко кога даваше плод. Опомените, мерките или казните ретко кога ги освестуваа или ги одвраќаа сторителите на ваквите кривични дела. Сепак, се чини дека има светло на крајот на тунелот, бидејќи новите градски власти сериозно се зафатија со борбата против дивите депонии и против оние што ги создаваат.

НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА

Падна и првата сериозна и драконски голема парична казна за прекршителите на Законот за управување со отпад.
Неверојатни 88 илјади евра парична казна и прекршочен паричен налог издаде Инспекторатот за животна средина на Град Скопје. Во рамките на новите заложби на Град Скопје за зголемена контрола и инспекциски надзори за заштита на животната околина и здравјето на граѓаните, во процесот на засилени контроли за фрлање отпад во Вардариште на фатените сторители им беа издадени прекршочен паричен налог и парична казна од 88 илјади евра.
– Според извештајот на инспекторатот на Град Скопје, затекнатите лица нелегално исфрлале отпад и со тоа ја загадиле животната средина и ја загрозиле безбедноста по здравјето на граѓаните, што е спротивно на членот 37 од Законот за управување со отпад – информираа градските власти.
Оттаму додадоа и дека мора да има системски решенија и секој мора да ги почитува законите, кои ќе се спроведуваат неселективно.
– Град Скопје нема да толерира ниту едно физичко или правно лице што ја загадува околината и со тоа влијае на загадување на воздухот, почвата и водите и свесно ги загрозува здравјето и животот на скопјани, а секое прекршување ќе биде соодветно санкционирано – нагласија оттаму.

ГРАЃАНИТЕ ГИ ПОДДРЖУВААТ КАЗНИТЕ, БИДЕЈЌИ ОПОМЕНИТЕ НЕ ПОМОГНАА

Вардариште е една од депониите што им причинуваа главоболки и на локалните и на градските власти, а најмногу на граѓаните. Постојано и секојдневно, независно дали во раните утрински или во доцните вечерни часови, загадувачите палеа разно ѓубре и во текот на денот, причинувајќи сериозно загадување на воздухот. Жителите на Синѓелиќ, Аеродром и на Лисиче секојдневно живееја во магла и ужасна смрдеа, која предизвикуваше печење на очите и главоболки, но и хронична кашлица кај поосетливата категорија граѓани, меѓу кои се и децата.
Социјалните мрежи секојдневно беа преполни со информации и сѐ уште граѓаните објавуваат фотографии од чад и оган, кои покажуваат дека иако депонијата Вардариште одамна не е депонија, несовесните ја искористуваат и го фрлаат отпадот таму.
За граѓаните, првата поголема парична казна од Инспекторатот за животна средина на Град Скопје е за поздрав и велат дека се надеваат оти загадувачите убаво ќе размислат пред да фрлаат и палат ѓубре на оваа локација.
– Мора да се воспостави ред во градот и ја поддржувам оваа драконска казна. Се надевам дека ќе ги освести сите што загадуваат да престанат да го прават тоа на своја штета, но и на штета на сите нас. И зимно и летно време постојано дишеме загаден воздух и тоа мора да запре. По оваа казна, верувам дека конкретните загадувачи нема да се осмелат повторно да фрлаат ѓубре на оваа или на која било друга локација – вели Слободан Мирковски.
Според него, не само овие поголеми загадувачи туку треба да се казнува секој еден што ќе фрли и најмало ѓубре на површините во Скопје.

ДО КРАЈОТ НА ЈАНУАРИ ДЕПОНИИТЕ ДА СТАНАТ МИНАТО

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, сериозно се зафати со решавање на проблемот со депониите во градот.
Таа уште во предизборната кампања, но и откако го доби градоначалничкото место, најави дека ќе ги исчисти сите депонии до 31 јануари.
Арсовска на почетокот на својот мандат, на својот фејсбук-профил најави решавање на овој проблем.
– Дивите депонии во Скопје мора да бидат минато. Сакам да најавам дека започнува засилено работата на инспекциските служби на Град Скопје и дека со глоби за фрлање отпад на јавна површина ќе се казнуваат оние што им наштетуваат на животната средина и на здравјето на граѓаните. Од сите нас зависи во каков град живееме и нема да има отстапки, време е да се стави ред. До 31 јануари ќе бидат исчистени дивите депонии што ги детектиравме, што веќе почна да се реализира во голем дел од општините во Скопје, а наедно се работи на системско решение за превенција – објави Арсовска на Фејсбук.