Асоцијацијата на независна културна сцена (ЈАДРО) реагира во врска со санирањето на Старата скопска чаршија кое деновиве го изведува општина Чаир, потсетувајќи дека чаршијата е едно од највредните културни наследства во градот и дека пред секое нејзино модифицирање, реставрирање и санирање мора да има научна и стручна анализа, како и дека за кој било зафат јавноста треба навреме и транспарентно да биде информирана од страна на институциите.
– Блиско е минатото во кое властите дивееја на нетранспарентен и недемократски начин. Не сакаме и нема да дозволиме тоа да продолжи и сега. Културата на третман на културното наследство треба да се гради на основа на дијалог, а не на основа на доминација на политичките или експертските идеи околу тоа како треба да изгледа наследството – велат од асоцијацијата.
Од таму исто така прашуваат зошто за време на активности од овој тип не се спроведуваат потранспарентни кампањи на информирање на јавноста.
– Кои се членовите на Нациналниот совет за ревитализација на Старата скопска чаршија и дали може да се објави нивното стручно мислење по повод реставрацијата? Дали Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија (која постои за периодот 2010-2015 година, а се однесува за период од пет години) е донесена согласно постоечкиот Закон за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење (Член 11) и доколку е донесена, во кој обем е реализирана, кој е задолжен да ја следи нејзината примена и дали се јавно објавени извештаи и анализи за самиот процес – нагласуваат од ЈАДРО.
Независната културна сцена ги прашува надлежните и дали може да добие стручно мислење од раководителката на секторот за заштита од скопскиот Конзерваторски центар и од директорот на Управата за заштита на културното наследство кои се најстручни во оваа област.
– Дали се спроведени заштитни археолошки истражувања, согласно Член 7 од законот? Дали може да се објават истражувањата за проектот кој има добиено дозвола за конзервација на Конзерваторски центар – Скопје и аргументацијата за позитивно мислење од страна на НУ Конзерватовски центар – Скопје? Која е улогата на Град Скопје во овој процес? Штом е одлучено овие активности да се одвиваат за време кога сите граѓани се спречени да излезат од своите домови дали може да очекуваме потранспарентно известување за овој и сите слични проекти коишто се случуваат во моментот, а за кои не треба да бидеме задоцнето информирани – прашуваат од ЈАДРО.
Според ЈАДРО, во Службен весник на РСМ од октомври 2008 година Старата скопска чаршија е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија – големо значење. Со ваквото прогласување, се потенцира, се овозможи трајно зачувување на историските, уметничките, архитектонските, урбанистичките, амбиенталните, етнолошките, социолошките и другите научни и културни вредности, како и автентичноста, единственоста, разновидноста, интегралноста, староста и други својства, содржини и функции.
– Меѓу основните принципи на тековните европски теории на конзервација се: почит кон оригиналната изработка, почит кон историскиот материјал и почит кон историскиот извор – дали овие принципи се применети при изборот на материјалот и начинот на изведба? Дали, сепак, Чаршијата заслужува и може да добие посоодветен материјал од тој што го имаше до сега? – прашува Асоцијацијата.
ЈАДРО посочува и дека во Старата скопска чаршија последната декада се забележуваат огромни промени и несоодветни интервенции – рушење индивидуални куќи и изградба на станбени згради на нивно место (особено на потегот околу хотелот Арка), несоодветно дизајнирани и/или димензионирани интерполации и некомпатибилни нови градби, рушење на старите дуќани и нивна замена со бетонски копии, несоодветна модернизација на историските структури, воведување на меморијални споменици и спомен-обележја што не се поврзани со настанувањето и развојот на Старата скопска чаршија, различни доградби, надградби и измени на оригиналните структури…
– Старата скопска чаршија полека го губи својот оригинален изглед поради интензивните градежни активности во рамки на заштитеното подрачје со што се врши тривијализација на законските норми и професионалните стандарди и директно уништување на културното наследство. Какви се улогите на Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура во врска со тоа и дали имаат или планираат да преземат нешто за спречување на ваквите активности? Знаејќи дека менувањето на изгледот на Старата чаршија не е процес почнат од вчера, потсетуваме дека долги години наназад систематски дел по дел тој бил цел на дубиозни градежни лиценци и реконструкции. Мини плоштадот на влезот на чаршијата, Менада и летните тераси кои го попречуваат нормалното движење низ улиците се само дел од унаказувањето на историскиот и во ист момент толку жив светилник на Скопје, за што се испушти навреме да се реагира – пишува ЈАДРО во реакцијата.