Пазарџиите што продаваат стока на незаконски поставените тезги во близината на Бит-пазар се сретнаа со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на општината Чаир, Висар Ганиу, и со претставници на еснафи од Старата скопска чаршија. На оваа средба се разговараше за планот и претстојните активности на градот Скопје, за уредување на пазарот и за урбанизирање на јавните површини по должината на булеварот Крсте Мисирков. Градоначалникот Шилегов истакна дека хаосот на Бит-пазар, кој е долгогодишен проблем, мора да се реши и посочи дека градот Скопје има намера да го уреди овој дел од градот.
Тој најави уредување на овој дел од градот, односно реконструкција на тротоарите, поставување столпчиња и жардиниери, уредување на такси-станицата, засадување дрвореди, реконструкција и осветлување на пасажите од булеварот кон чаршијата и ослободување на тротоарите од дивопоставените тезги. Од градот Скопје најавија дека ќе се овозможат бесплатни тезги за два месеца за пазарџиите што ќе влезат во пазарот и ќе продолжат да работат на тие тезги. Градоначалникот на продавачите им вети еднакви услови за работа доколку тие останат во границите на Бит-пазар и додаде дека по уредувањето на јавните површини кај Бит-пазар, ќе се уредуваат и другите влезови кон чаршијата од плоштадот „Скендер-бег“ и откај црквата „Свети Спас.“ Н
а настанот се обрати и градоначалникот на општината Чаир, Висар Ганиу, кој им гарантираше тројно повеќе посетители на пазарџиите ако се воспостави ред на Бит-пазар и рече дека е предвиден транзициски период со бенефиции за секој да може да снајде и да не остане без работа. На пазарџиите исто така им беа поделени и летоци со информативна содржина за плановите на одговорните институции и за можноста овие луѓе да склучат договори со надлежната фирма на пазарот. Од градот Скопје велат дека имаат целосно разбирање за трговците што работат нелегално на поставените тезги во близината на овој пазар и дека тие вложуваат многу труд за да заработат основни средства за живот, па, така, обезбедени се поповолни услови за да ја легализираат својата работа.