Од денеска патувањето меѓу Рашче и Скопје е пократко за пет километри. Градоначалникот Шилегов присуствуваше на отворањето за сообраќај на новиот пат што ги поврза двете населени места.
– Изградбата на овој пат е доказ дека кога има соработка помеѓу институциите и граѓаните може да создадеме нешто ново и корисно за сите нас. Решаваме повеќедецениски проблем за жителите на Рашче и околните населени места. Тие повеќе нема да мораат да кружат преку Кондово каде што патот често се поплавува, туку директно ќе можат да патуваат преку новиот пат. На оваа локација е изграден нов алтернативен пат до Рашче и изворот Рашче во должина од 3,5 километри и ширина од 5 метри. Патот е направен како резултат на меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Сарај. На терен работеа екипите на ЈП „Улици и патишта“, а материјалите ги обезбеди приватен инвеститор – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Овој пат е изграден со голема помош на околните жители, а ќе биде од корист и на населените места, Копаница, Бојане и Кондово. Жителите од овие населени места во секојдневното движење ќе патуваат пократко, побезбедно и ќе го избегнат метежот од стариот пат преку Кондово.