Со денешното потпишување на договорот за заем меѓу Град Скопје, Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој и официјално почнува постапката за изведба на БРТ-системот за брз автобуски превоз во Скопје.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, рече дека со ова се обезбедува безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе се намали и загадувањето на воздухот.
– Го остваруваме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот согласно со условите кои ги овозможува денешно Скопје. Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ-систем, што не е само успех за градот, туку е успех и за целата наша држава. Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе се намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Подигнувањето на брзината и достапноста на јавниот транспорт несомнено ќе значи и зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје – рече Шилегов.
Тој објасни дека екипи на Градот Скопје и на ЈСП досега работеа на подготовка на техничката документација за овој систем.
– Идејното сообраќајно решение е веќе изработено од стручњаци од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел и тоа ќе претставува основа за тендерската документација за набавката која очекувам да ја почнеме во текот на ова лето. Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода – кажа Шилегов.
Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 луѓе на ден. Со имплементација на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на секои 3-4 минути. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути.
Автобусите од БРТ-системот ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри, а целиот систем е поставен така што во иднина ќе може да прими и 24-метарски возила.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, кажа дека за реализација на овој проект Европската банка за обнова и развој ќе додели заем од 70 милиони евра, во две транши – во првата транша во износ од 47,6 милиони евра за финансирање на линијата 1 и втора транша во износ од 22,4 милиони евра за финансирање на линијата 2.
Рокот за отплата на првата и втората транша е 15 години, со вклучен грејс период од 4 години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од Еурибор плус 1 посто. Покрај заемот, ЕБОР ќе додели и грант за техничка поддршка на Градот Скопје и на Министерството за транспорт и врски за имплементација на целиот проект.
Бесими: „Бас Рапид Транзит“ е „зелена економија“
Во време во кое се сочуваме со најголемата економска криза во изминатото столетие, од особена важност за заздравување на економијата е да се креира синергија – односно да се инвестира во „зелени проекти“, кои истовремено ќе имаат позитивен ефект и на економскиот развој и врз животната средина. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими, кој денеска заедно со претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Анди Аранитаси и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов го потпишаа договорот за финансирање на проектот „Брз автобуски превоз“ (Бус Рапид Транспорт) во вредност од 70 милиони евра.
„Кога иницијативите за создавање „зелена“, поинклузивна и одржлива економија ќе се совпаднат со напорите за економско заздравување од ковид кризата, придобивките за македонската економија се повеќекратни. Во оваа и во следните години ќе инвестираме во проекти, коишто ќе придонесат за заштита на животната средина, ќе го олеснат транспортот, ќе придонесат за заштеда на време и енергетски ресурси, ќе овозможат раст на инвестициите и работните места и ќе донесат подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани. Како министер за финансии ја поддржувам меѓународната соработка, која ќе ја помогне т.н. „зелена транзиција“, а овој проект е дел од тој поширок план. Сегашните и идните генерации треба и мора да имаат можност да дишат почист воздух и да патуваат побрзо и побезбедно“, рече Бесими.
Проектот опфаќа воспоставување на две линии за автобуски превоз со коридори кои се резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров во Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче до Ново Лисиче ќе биде во должина од 12,80 километри во една насока, ќе има 21 станица, два терминала во иднустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден новиот терминал..
Според првичните проценки, вкупниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно.Со имплементација на првата фаза се очекува времетраењето на патувањето од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 проценти.
Заемот од ЕБОР од 70 милиони евра ќе биде во две транши. Првата транша во износ од 47,6 милиони евра за финансирање на линија 1, односно исток-запад, и втората транша во износ од 22, 4 милиони евра за финансирање на линија 2 односно од југ до север.