Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европските регулативи ни наложуваат дека треба да се спроведат селекција и рециклажа на отпадот. Некаде до 2022 година треба да создадеме стандардизирани регионални депонии. И сите овие диви депонии треба да почнат да се преземаат во регионалните депонии. Планот е да се отворат пет или шест регионални депонии, а тие ќе треба да имаат лиценца А

Македонија има само еден капацитет што може да се справи со ѓубрето од Скопје, а тоа е депонијата „Дрисла“. Таа е единствена стандардизирана депонија во целава држава. Овој податок отвори многу прашања, лавина дискусии и реакции во јавноста по информацијата дека ѓубрето од Тетово се депонира во Скопје. Главно беше зошто немаме повеќе такви депонии. Реагираа и од еколошките здруженија, кои велат не е соодветно да се носи отпадот од други општини во „Дрисла“, затоа што може негативно да се влијае на животната средина, но и зошто да нема избор во конкретнава ситуација и да мора сето ѓубре да се транспортира на „Дрисла“. Еколошките здруженија апелираат да се направат регионални депонии, кои не треба да бидат само депонии, туку систематизирани центри за отпад. Од Министерството за животната средина и по три дена не ни одговорија дали имаме други стандардизирани депонии и кога ќе добие таков статус тетовската депонија. Една депонија како ниедна. „Дрисла“ не може да го акумулира сето ѓубре што го создаваме во огромни количества.

Според светските примери, депониите имаат век на траење од 30 до 50 години. Депонијата „Пуенте хилс“ го собираше целото ѓубре од Лос Анџелес, но во 2013 година беше затворена по нешто повеќе од 50 години работа. „Дрисла“ работи од 1994 година и досега има одработено 25 години, а овластените лица оттаму велат дека може да работи уште 30 години, додека не се пополнат капацитетите. Од „Дрисла“ велат дека има само 40 отсто искористеност на капацитетите досега, иако отпадот е речиси до долната граница на животен век според искуствата во светот.
Од друга страна, ние имаме сериозен проблем, бидејќи создаваме премногу отпад. Немаме навика за селектирање на отпадот, рециклирање и реупотреба на отпадот, коментираат од еколошките организации. Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество создаден комунален отпад во Македонија во 2017 година изнесува 786.881 тон. Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2017 година изнесува 379 килограми. Според податоци од МИА, во 2018 година сме создале 140.809 тони комунален отпад, но нема податок по колку отпад е создаден по жител. Овие претставуваат големи бројки, додаваат од „Екосвест“. Според познавачите на оваа проблематика, една депонија и депонирање на едно место претставува опасност по животната средина, па, според тоа, потребно е и неопходно формирање стандардизирани регионални депонии.

– Ваквиот пристап е нужен во моментов, бидејќи депонијата „Дрисла“ е единствена регионална депонија во земјава што исполнува некакви стандарди, меѓутоа никако не претставува решение на проблемот. Никако не е во ред ниту, пак, е одржливо да се депонира само во „Дрисла“ на подолг период. Размислете само колку емисии на штетни гасови ќе се произведат со транспорт на отпадот низ целата земја. Потребни ни се регионални депонии за сите плански региони и сите да имаат услови за селектирање на отпадот – вели Елена Николовска од здружението „Екосвест“.

Во 2018 година во Штип беше организирана конференција за создавање регионална депонија од страна на „Зелениот институт“ и ДОМ. Проектот „Општините без отпад“ предвидува над 30 милиони евра, а треба да се реализира со европски пари. Крајниот рок за отворање регионална депонија е 2022 година, и јавноста веќе го знае тоа. Вакви проекти се потребни на повеќе места и побрзо да се имплементираат за да не се повтори проблемот со транспортот на тетовското ѓубре до „Дрисла“.

Според бројот на жители, земјава треба да има една главна депонија, неколку регионални, но не безброј диви депонии, кои се резултат на постоењето на ниска еколошка свест, сметаат од еколошките здруженија. Според нивните анализи во 2018-та, невладините организации идентификувале околу 2.000 неофицијални диви депонии на територија на Македонија.

– Европските регулативи ни наложуваат дека треба да се спроведат селекција и рециклажа на отпадот. Некаде до 2022 година треба да создадеме стандардизирани регионални депонии. И сите овие диви депонии треба да почнат да се преземаат во регионалните депонии. Планот е да се отворат пет или шест регионални депонии, кои ќе треба да имаат лиценца А. Важно е да се напомене дека тие треба да имаат својство на отпадни центри. Ништо не се прави ако само се депонира отпадот, потребно е да се селектира и рециклира – вели Стојан Лешоски од еколошкото здружение „Екосвест“.

Според еколошките организации, за да се овозможи овој пристап потребно е да се започне да се работи на едукација на населението за селекција и рециклажа на отпадот, меѓутоа и да се создадат услови за селектирање на отпадот. Затоа што сигурно е дека земјата нема да си обезбеди членство во ЕУ со нула регионални депонии и неимплементирани соодветни стандарди што ги бараат директивите на ЕУ.


Советот ќе го официјализира новиот концесионер на „Дрисла“

На вонредна седница на градот Скопје, на 13 март, советниците ќе дискутираат и ќе одлучат по една и единствена точка на дневниот ред, избор на нов концесионер на депонијата „Дрисла“. Инаку, на тендерот во 2011 година беа пријавени три фирми што сакаа да управуваат со „Дрисла“ – италијанската „ФЦЛ Амбиенте“, германската „Шолц“ и австриската АСА, а „Шолц“ беше прворангираниот. Токму поради тоа се очекува тој да биде новиот концесионер. Одлуката ќе биде конечна откако советот ќе ја изгласа и тогаш ќе бидат соопштени условите под кои идниот концесионер ќе управува со скопската депонијата.
Во моментов „Дрисла“ е под концесијата на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“, а германската фирма „Шолц“ со години водеше судски процеси поради нерегуларности во тендерската постапка. Дали по шестгодишна правна битка германската фирма „Шолц“ ќе стане и официјален концесионер на „Дрисла“ ќе се знае в среда, откако ќе биде донесена одлуката на советот. 

Фото: Игор Бансколиев