Неодамнешната вест дека се најдени ешерихија коли и зголемен број колиформни бактерии во повеќе бунари, извори и чешми во десетина села во општината Чучер Сандево е резултат на временските услови и, најмногу, на загадувањето на животната околина. Неконтролираното празнење на септичките јами и расфрлените или плитко закопани мртви животни на депонии ја загрозуваат водата од селските чешми
Водата за пиење во повеќе бунари, извори и чешми е неисправна поради наод на ешерихија коли и зголемен број колиформни бактерии во селата Чучер Сандево, Горњане, Бањани, Мирковци, Бразда, Глуво, Кучевиште, Побожје, Бродец, Кучевишка Бара на Скопска Црна Гора. Од Центарот за јавно здравје во Скопје велат дека станува збор за крајпатни чешми, чија вода е несигурна за пиење, односно кај 60-70 отсто од нив водата не смее да се користи, бидејќи може да предизвика разни цревни болести. Од Центарот дополнуваат дека општината Чучер Сандево, под која припаѓаат десетте села, има регионален водовод и исправна, безбедна вода за пиење, но тамошните жители превентивно мора да внимаваат на животната околина.
Здравствените работници од Одделот за хигиена информираат дека двапати годишно прават по 500 анализи за сите општини во Скопје и речиси секогаш временските услови и човечкиот фактор се главната причина поради која се загадува водата во чешмите и во бунарите. Примероците што се испитуваат се земаат најчесто од најфреквентни места, како пред цркви, џамии, училишта. Зголемениот број бактерии во воздухот, почвата, отпадните води од органските растенија, изумрените и расфрлени животни по селските атари или плитко закопани во земјата, како и близината на септичките јами и депонии се главните причини поради кои дошло и до загадување на чешмите и бунарите во селата на Скопска Црна Гора.
Здравствените работници строго забрануваат водата од бунарите да се користи за полевање на градинарските култури ако е загадена од четврта категорија. Од Центарот за јавно здравје велат дека сите бактерии ќе бидат исчистени доколку се користи хлор, кој претставува важна хемикалија во процесите за прочистување на водата и уништување на бактериите. Важно е да се знае дека ако се додаде хлор од 0,2 до 0,5 милиграми во еден литар вода, бактериите ќе бидат уништени. Во овие размери, велат оттаму, тој се додава и во водоводната мрежа во случаи кога има дефекти и во цевките може да навлезат бактерии. Доколку во овие села има одредени каптажи, тогаш ќе мора да се направи хиперхлорирање на водата.
Општината, пак, е должна пред чешмите да истакне натпис дека водата не е за пиење, а за каптажите, како и за бунарите, ќе мора да се преземат и механички дејства и барем еднаш годишно да се чистат од тиња и кал. Само така ќе се намали опасноста од ширење зарази. Лекарите препорачуваат доколку нема друга вода за пиење, водата од чешмите да се преврива 10-15 минути за да се уништат бактериите. Но додаваат дека ваквата вода не смее да се користи подолго од еден месец.
– Имавме период со недоволно врнежи и поради тоа се зголеми бројот на бактерии во воздухот, а нивното присуство во почвата доаѓа од отпадните води, од органските растенија. Месното население од овие села мора да внимава на неконтролираното празнење на септичките јами. Сме биле на терен и околу чешмите сме затекнале пластични шишиња, измет од животни, а фекалиите преку врнежите лесно може да навлезат во почвата. Мора да знаат дека изумрените животни не смее да се оставаат расфрлени наоколу или плитко закопани, бидејќи бактериите од нивното распаѓање лесно ќе допрат до почвата, воздухот и по измивањето со дождовите ќе продрат и во подземните води и, секако, во водите на чешмите и бунарите. Затоа месното население мора да внимава на животната околина, да не ја загадува, да биде поорганизирани, да си договара ден за чистење и постојано да внимава на хигиената, а природните извори да ги огради со жица во пречник од пет метри – објасни примариус доктор Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена во Центарот за јавно здравје.
Тој појасни дека присуството на бактерии во водата може да предизвика бактериски болести што се пренесуваат, како тифус, дизентерија, цревни болести што се јавуваат од колиформни или фекални бактерии, како ешерихија коли, клепсинела. За ешерихијата коли вели дека се појавува во свежо загадување од повеќе типови, од земја, воздух и отпадни води. Загадувањето на водата од фекална бактерија протеус укажува на фекално загадување и на органски материи во распаѓање. Псевдомонас аеругиноса е фекална бактерија што се наоѓа во земјената површина, во водите, на растенијата, овошјата и на кожата, а многу често во дебелото црево на човекот, болест што тешко се лекува.