Советот на општина Центар го изгласа новиот Детален урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ц 04 – Дом на градежници.
Како што информираат општинските власти, се работи за градска четврт која во голем дел е реализирана и голем дел од објектите се задржуваат во постојна состојба.
– Во споредба со стариот ДУП кој предвидува 4.043 метри квадратни парковско зеленило, новиот план има вкупно 5.889 метри квадратни парковско зеленило, со што речиси 13% од површината на четвртта е под парковско зеленило. Наместо да се проширува, евидентиран е постојниот паркинг и задржан е во сегашната состојба, а зголемен е процентот на зеленило и дрвореди. Наместо како што стариот план предвидува, изградба на паркинг на веќе постоечко детско игралиште, детското игралиште со површина од 408 метри квадратни во новиот план е зачувано, како и постојниот паркинг околу него, наместо изведба на паркинг на целата површина. Согласно новиот план, сите нови објекти мора да го обезбедат неопходниот број паркинг места во своја парцела. Избришан е еден објект за колективно домување кој според стариот план би се градел на државно земјиште, а во новиот план заменет е со локален парк од 262 метри квадратни и пешачка патека. Стариот план предвидува заеднички подземен паркинг за дел од парцелите, воедно предвидена е пристапна улица на местото на пешачката патека „Кај Маршалот“. Со новиот план секој објект треба засебно да предвиди паркирање. За објектите од внатрешноста на блокот се предвидува пристап преку пасажи од улицата Максим Горки, со што се задржува пешачката патека „Кај Маршалот“ и истата нема да стане улица за автомобили – се наведува во соопштението за одлуката.