Везената пиперка, која е деликатес на македонската зимница било да е блага или лута, се продава по цена од 40 денари, за онаа со најлош квалитет, до 70-80 денари за килограм од прва класа. И пиперката ајварка не отстапува од високата цена, која достигнува и до 40 денари за килограм
Зелените скопски пазари изобилуваат со шаренило од есенски плодови. Тезгите се полни со зеленчук и овошје. Богата е понудата, но пазарџиите се жалат на малиот број купувачи. Едни тврдат дека цените се пристапни и оти не е скапо, додека други, пак, признаваат дека производите имаат повисоки цени од две причини. Првата е што цело лето беше сушно, а втората е што и земјоделците не можат да најдат сезонски работници да им помогнат во бербата на родот. Нив или ги нема или имаат многу висока цена по час или по ден. Пресметувајќи ги своите ангажмани и трошоците, тврдат дека морале да имаат и повисоки цени на она што го нудат на пазарите.
Купувачите, пак, како и вообичаено би сакале да купуваат што поевтино и тврдат дека некои од производите се евтини како што се тиквичките, зелјето или блитвата. Од друга страна, пак, производите без кои не може приготвувањето зимници се премногу скапи. Така, на пример, везената пиперка, која е деликатес на македонската зимница било да е блага или лута, се продава по цена од 40 денари, за онаа со најлош квалитет, до 70-80 денари за килограм од прва класа. И пиперката ајварка не отстапува од високата цена, која достигнува и до 40 денари за килограм, а доколку се купат три килограми продавачите наплатуваат по 100 денари што, според нив, претставува некаков мал попуст за оние што ќе им купат поголемо количество.
– Годинава, веројатно, тешко дека ќе направиме ајвар, ако пиперката ајварка и натаму ја задржи цената од 35 до 40 денари за килограм. Ова е навистина висока цена, а не беше пониска и цената на обичните пиперки, кои и сега на некои места се продаваат и по 50 денари за килограм. Ете, во четвртокот на Зелено пазарче можеше да се најде обичен пипер и по цена од 25 денари, но затоа доматите, оние од убавите семиња, како скопскиот јабучар, се продаваат по 50, па и по 60 денари. Јас сум пензионерка и сакам да направам малку ајварче за своите внучиња, но ќе почекам можеби малку цените ќе паднат – вели жителка од Кисела Вода.
Пазарџиите, пак, мислат дека оние што имаат пари и ќе купат, но повеќето навистина негодуваат за цените на производите на пазарските тезги.
– Со години имам тезга на Зелено пазарче и продавам зеленчук. Не можам да кажам дека годинава има многу купувачи, а на повеќето цените им се високи. Велат скап е убавиот домат, а особено се скапи пиперките ајварки. Тешко се опстанува на пазаров, ако знаете дека има денови кога малку сте продале, а сѐ уште е топло и производите не траат, се расипуваат. Ако сте земјоделец ќе продадете и поевтино, но прекупувачите ги креваат доста високо цените – вели скопјанка што продава зеленчук на тезга на Зелен пазар.
Килограм лук на зелените пазари достигнува цена од 250 денари, а во зависност од квалитетот и големината главица се продава и по 20 денари. Модрите патлиџани исто така во зависност од квалитетот и големината се нудат по цена од 10 до 20 денари за парче. Килограм пашканат може да се купи за 60 денари, додека, пак, бамјите, кои исто така се користат за приготвување зимници, чинат од 100 до 140 денари.
Морковите може да се најдат некаде од 25 до 30 денари за килограм. Оранжериските краставици не отстапуваат од цената помеѓу 30 и 50 денари на некои од зелените пазари. И овошјето потребно за подготовка на слатката зимница има различна цена, па, така, модрите сливи популарни за приготвување мармалади, џемови и слатка се продаваат од 15 до 30 денари за килограм. Оние, пак, што не можат без убавиот сок од дренки ќе мора да издвојат по 60 денари за килограм. Толку чинат и крушите, додека капинките, пак, достигнуваат цена до 120 денари за килограм. Грозјето се продава од 40 до 60 денари. Лубениците и дињите се продаваат по 12 и 30 денари за килограм.