Општина Кисела Вода со големо задоволство соопштува дека градинката „Расадник“ во која е извршена целосна обнова, денеска стартуваше со работа.
Општината од запуштениот објект на ЈДГ „8 Март“, направи убаво уредена, реновирана детска градинка „Расадник“.
Во градинката, со поддршка и со средства од Владата во износ од 1.600.000 денари, поставени се нови прозорци и надворешни врати, а со донација во износ од 2.700.000 денари од страна на Цементарница АД УСЈЕ поставена е и нова фасада со термичка изолација.
Во сите простории во објектот „Расадник“ извршено е молерисување, стружење и лакирање на паркетот, дезинфекција и дератизација. Воедно, дезинфицирани се душеците и клима уредите.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски во придружба со претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ, изврши увид во завршените активности за реконструкција на градинката. При увидот, директорката на градинката Павлинка Топузоска детално го информираше градоначалникот за сработеното.
Градинките на територијата на Кисела Вода работат согласно препораките од Владата и Министерството за здравство.
Општина Кисела Вода и во периодот што следува со силно темпо ќе продолжи да ги подобрува условите за своите жители.