Македонија е само 13 отсто покриена со фекална канализациска мрежа. Тоа значи дека во најголем дел од градовите и руралните средини допрва треба да се градат фекални канализации за населението да се спаси од септичките јами. Овој застрашувачки процент за покриеноста на земјава со фекална канализација неодамна го спомена вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Тогаш многумина се запрашаа каде е навистина Македонија кога станува збор за покриеноста со канализациска мрежа, зошто толку малку е инвестирано досега, се користат ли странски пари, кои обично им се даваат на земјите во развој, ќе помогнат ли ЕУ-фондовите доколку Македонија стане членка на ЕУ… и низа други прашања. Некои податоци говорат дека само 87 отсто од канализацијата е приклучена на градската мрежа, додека во руралните средини 79 отсто од тоалетите немаат пристап до градската канализациска мрежа, односно се септички јами. За жал, вакви тоалети сѐ уште се присутни и во некои од скопските населби, а главниот град сѐ уште не е целосно покриен ниту со фекална, ниту со атмосферска канализација. Септички јами има во делови од Кисела Вода, Ченто, Ќерамидница…
Според податоците од националниот извештај на Здружението на давателите на комунални услуги на Македонија (АДКОМ), во 2015 година скопската општина Илинден била покриена само 15,7 отсто. Кичево тогаш било покриено само 59,36 отсто, Чашка 39,39 отсто, а Дојран имал само 43,87 отсто фекална канализација. Податоци за 2016 година покажуваат дека Крушево имало покриеност од 55,05 отсто, а Охрид 89,69 отсто, додека Гостивар само 40 отсто. На нашето прашање какви се плановите за изградба на фекални мрежи во градовите во земјава и колку средства се издвоени за оваа намена, во кој град е најкритична состојбата со фекалната мрежа од Министерството за транспорт и врски нѐ информираа дека во соработка со Европската инвестициска банка (ЕИБ) во тек е реализација на 10 проекти во вредност од 3,3 милиони евра. Но во оваа сума најголем дел се наведени проекти за изградба и реконструкција на водоводни мрежи.
Со средства од ЕИБ, веќе се склучени договори за изградба и надзор за 11 проекти со вкупна вредност од 4,4 милиони евра исто така најголем дел водоводни системи, односно 4 проекти за изградба и реконструкција на канализации во општините Прилеп, Долнени, Струга и Лозово. Во фаза на тендерска постапка се 8 проекти со вкупна вредност од 3,9 милиони евра во општините Гостивар, Струмица, Теарце, Маврово и Ростуша, Демир Хисар, Куманово, Пехчево и Старо Нагоричане. Од Министерството велат на располагање преку кредитната линија од ЕИБ имаат околу 12 милиони евра неискористени средства и токму затоа ги повикуваат сите општини, кои сѐ уште имаат на располагање средства да побрзаат и да достават готови проекти до Министерството за да може да се реализираат. Со сопствен буџет се пофалија од Министерството дека реализираат 5 проекти во вредност од 8 милиони евра, од кои само 560 илјади евра се наменети за доизградба на канализацијата во Волково и во Ѓорче Петров, а 4,8 милиони евра за канализацијата во Сопиште и во Сончев Град и доизградба на канализација во населеното место Крушеани, општина Кривогаштани во вредност од 81 илјада евра.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје потврдуваат дека заклучно со 2017 година покриеноста на главниот град со фекална канализација, е 70 отсто како дел од градскиот канализациски систем или 730 километри. Од претпријатието велат дека ако одат по некој редослед на општините со мала покриеност ќе почнат од Шуто Оризари, потоа следува Чаир, а по неа се Ѓорче Петров. Следуваат Бутел, Гази Баба, Кисела Вода и Аеродром. Со најдобра покриеност велат се Центар и Карпош.
Од ЈП „Водовод и канализација“ тврдат дека секоја година издвојуваат финансиски средства за реконструкција и проширување на постојната мрежа на градот. За 2018 година во согласност со инвестициската програма на претпријатието за реконструкции и изградба на канализациска инфраструктура по проекти, во согласност со развојните компоненти на градот Скопје, испланирани се 30.000.000,00 денари.
– Значи генерално сите општини во градот Скопје се покриени со фекална канализација со исклучок на Сарај, која има свој посебен канализациски систем, кој не е дел од градскиот. Изграденоста на фекалната канализација во општините на градот Скопје е различна и многу зависи од бројот и распространетоста на приградските населби или села, кои се дел од општината и главно таквите населби треба да имаат свој посебен канализациски систем, кој завршува со локална пречистителна станица. Водостопанската основа на скопското подрачје и просторниот план на скопскиот регион како едни од главните развојни документи, ги дефинираат начинот и можностите на решавање на одведувањето на отпадните води на секое од населените места во скопскиот регион – објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“.
Оттаму додаваат дека веројатно сѐ уште постојат објекти што не се приклучени на градска секундарна фекална канализација и користат септички јами и обично тоа се приградски локалитети или населби. Овие проблеми велат треба секоја општина да ги решава во своите инвестициски планови и да предвиди средства за изградба на фекална канализација.
Од ЈП „Водовод и канализација“ тврдат дека имаат и друг важен проблем, а тоа е дека постојат населби во секоја од општините во кои треба да интервенираат и на постојната фекална канализација и тој проблем се јавува најчесто во сите населби наречени „бараки“, градени по земјотресот во 1964 година. Таков е примерот со Влае, Козле, Трнодол, Жданец, Тафталиџе 1 и 2, населбата Водно, Стар Аеродром, Бутел 1 и 2, Маџари, Ченто, Пржино, 11 Октомври, Лисиче, Драчево, Железара. Не само што во овие населби има потреба од реконструкција, туку има потреба и од дислокација на фекалната канализациска мрежа, затоа што постојната е изградена тогаш кога се градени бараките и поминува низ дворовите на објектите.
Дополнителен проблем претставува кога овие бараки се претвораат во куќи на катови.
– Со паралелна изградба на секундарна фекална и атмосферска улична канализација ќе се создадат услови да дојде до издвојување на фекалните и атмосферски отпадните води, а со тоа ќе се надминат проблемите со поплавување на нивните имоти, а тоа се случуваат при дождови бидејќи постојната фекална нема доволен капацитет за прифаќање и атмосферски води – појаснија од ЈП „Водовод и канализација“.
Токму затоа општините и градовите по изработката на проектно-техничката документација треба да аплицираат до достапни фондови за изградба на канализациски мрежи.